Европратениците ќе го блокираат буџетот на ЕУ ако нема силни услови за владеење на правото


Главните политички групи во Европскиот Парламент испратија писмо до претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, и до германската канцеларка Ангела Меркел, во кое предупредуваат дека нема да го прифатат буџетскиот договор ако тој не содржи посилни услови за владеењето на правото, јави дописничката на МИА од Брисел.

Зад писмото стојат Европската народна партија, Социјадемократите, Либералите и Зелените.

Потписниците жалат што лидерите на земјите членки ги „разводнуваат напорите на Европската Комисијата и на Европскиот Парламент“ за одржување на јасна и цврста условеност на седумгодишната буџетска рамка на ЕУ со почитувањето на владеењето на правото и темелните човекови права.

По месеци преговори и под притисок на земји како Унгарија и Полска, лидерите на 27-те земји членки минатиот месец постигнаа договор во кој се споменува владеењето на правото, но без детали за условите на кои инсистираа Комисијата и Парламентот во предлог-буџетот.

Главните политички партии во Парламентот повикуваат на обновување на преговорите во наредниот период за да се исполнат барањата на европратениците. Во писмото тие предупредуваат дека буџетските преговори и конечниот договор за седумгодишната рамка не може да стапи на сила без одобрение од Европскиот Парламент.

-Време е да се забрза борбата против поткопувањето на демократијата, владеењето на правото и темелните права во срцето на ЕУ и да се нагласи дека изборната победа не значи мандат за брутален однос и напуштање на вредностите на ЕУ, стои во писмото на четирите најголеми европски партии.

Сегашната буџетска рамка на ЕУ истекува на крајот на оваа година.