ЕУ усвои нова директива за борба против корупцијата: Исти казни за сите од 24 до 40 милиони евра


Советот на Европската Унија даде конечно одобрение за нова директива што ја хармонизира дефиницијата за корупција во сите земји-членки и воведува заеднички нивоа на казни за санкционирање на овие кривични дела.

Директивата го заменува постојниот закон за корупција во приватниот сектор од 2003 година и Конвенцијата на ЕУ од 1997 година за корупција во која се вклучени службеници на ЕУ и земји-членки.

Хармонизирани дефиниции за кривични дела Новите правила обезбедуваат клучните форми на корупција да се третираат на ист начин низ цела ЕУ. Тие вклучуваат поткуп во јавниот и приватниот сектор, злоупотреба на средства, тргување со влијание, попречување на правдата, нелегално богатење, прикривање и сериозни прекршоци при вршење на јавна функција.

Земјите-членки ќе мора да пропишат минимални казни за корупциски дела, со затворски казни од три до пет години, во зависност од тежината на делото. Правните лица ќе се соочат со казни од три до пет проценти од вкупниот светски промет или од 24 до 40 милиони евра, според веб-страницата на Советот на ЕУ.

Директивата предвидува формирање специјализирани тела за спречување на корупцијата и подигање на јавната свест, со цел создавање култура на интегритет.

ЕУ е потписничка на Конвенцијата на ОН против корупцијата (UNCAC), најсеопфатниот меѓународен правен инструмент во оваа област. Новата директива ја хармонизира европската рамка со меѓународните стандарди.

Директивата стапува на сила 20 дена по нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ. Земјите-членки имаат 24 месеци да ја транспонираат во националното законодавство, додека рокот за одредбите за проценка на ризикот и националните стратегии е 36 месеци.