ЕУ го објави петтиот пакет санкции против Русија – нема веќе увоз на јаглен
На руските бродови ќе им биде забрането укотвувањето во европските пристаништа, забрана за сите трансакции на четири клучни банки, забрана за извоз на напредна технологија

Европската комисија во вторникот предложи петти пакет санкции против Русија, кој вклучува забрана за увоз на јаглен, забрана за сите трансакции за четири клучни руски банки, забрана за доаѓање на руски бродови во европските пристаништа и најави дека работи на дополнителни санкции за забрана за увоз на нафта.
Досегашните четири пакети санкции наметнати од Европската унија „силно ги погодија и ги ограничија политичките и економските можности на Кремљ и гледаме опипливи резултати“, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Сепак, тоа не е доволно со оглед на развојот на настаните и ужасната слика за масакрот од Буча и други места во Украина.
„Треба да го засилиме нашиот притисок и денес предлагаме нови, построги и пошироки санкции за да ја погодат руската економија уште подлабоко“, рече Фон дер Лајен.
Петтиот пакет санкции се потпира на шест столба. Првиот е забраната за увоз на јаглен од Русија, кој изнесува четири милијарди евра годишно. Вториот столб е забрана за сите трансакции за четири клучни руски банки, вклучувајќи ја и ВТБ, втората по големина банка во Русија. Тие четири банки, кои ќе бидат целосно исклучени од пазарот, претставуваат 23 отсто од рускиот банкарски сектор.
Третиот столб е забраната за доаѓање на руски бродови и бродови со кои управува Русија во европските пристаништа. Тука има можност за исклучок за бродови кои превезуваат храна и земјоделски производи, хуманитарна помош или енергија. Дополнително, се предлага забрана за руски и белоруски патни превозници.
„Оваа забрана драстично ќе ја ограничи можноста на руската индустрија да пристапи до клучните стоки“, рече комисијата.
Четвртиот столб предвидува дополнителни насочени забрани за извоз во вредност од 10 милијарди евра во области каде Русија е особено ранлива.
Ова ги вклучува, на пример, квантните компјутери и напредните полупроводници, чувствителните машини и транспортната опрема, што дополнително треба да ја деградира технолошката база и индустрискиот капацитет на Русија.
Петтиот столб вклучува нови забрани за увоз, вредни 5,5 милијарди евра, за да се прекине протокот на пари од Русија и нејзините олигарси за производи од дрво до цемент, од морска храна до пијалоци.
Шестиот столб вклучува високо насочени мерки како забрана на руските компании да учествуваат во јавните набавки во земјите-членки, забрана на каква било финансиска помош од земјите-членки или ЕУ за руските јавни власти. Предвидено е и проширување на листата на санкционирани лица.