ЕУ ги „дере“ компаниите со милијарди евра казни, а ги штеди лидерите автократи


Кога земјите -членки го прекршуваат правото на ЕУ или одбиваат да ги спроведат пресудите на Европскиот суд на правдата (ЕСП,) институциите на Унијата не се немоќни: Европската комисија може да предложи, а  ЕСП да изрече финансиски санкции.

 Во јули годинава потпретседателката на Европската комисија, Вера Јурова, одлучи да ја спроведе пресудата на ЕСП за полскиот судски систем најавувајќи финансиски  санкции доколку не се поправи ситуацијата до 16 август. И тоа нема да биде преседан.

Статистиката на ЕУ покажува дека во  2019 година Европската комисија испратила вкупно  31 случај до ЕСП, а тој решавал за 24 случаи, при што открил прекршувања во 22 од нив. Но, ЕК потоа упатила само два случаи назад до Судот со барање за изрекување на финансиски казни, за да на крајот ЕСП изрече – само една пресуда за исплаќање на казна! Станува збор за казна од 5 милиони евра за Ирска пред повеќе од дваесет години,бидејќи одговорните ирски власти не успеаја да го проценат влијанието врз животната средина од изградениот парк со ветерници. Генерално, на  крајот на 2019 година, имало 98 неспроведени пресуди на ЕСП,  а сепак, во текот на целата година Комисијата процесуирала до крај  само два случаи и само за нив побарала парична казна. Зошто е така?

 Герда Фалкне, која ја следи  политиката на спроведување на санкциите во ЕУ, вели дека сите досегашни комисии ја користеле оваа алатка со внимание: „Се чини дека е добро осмислена политика на воздржување од прекумерна употреба, што од друга страна го девалвира инструментот за судска постапка“. Со други зборови: тоа е политичка одлука и ЕК нема обврска да оди на суд.Реалноста е дека санкциите се воведуваат ретко и, иако таквата опцијата постои од 1993 година, ЕСП досега има изречено финансиски санкции за земји членки само во 37 случаи.

Постојат три критериуми што ги разгледува ЕК кога решава за санкциите. Прво, колку е сериозна повредата; второ, колку е богата членката и трето, колку долго трае прекршувањето на правото на ЕУ. Најголем број од казните досега се однесуваа на неспроведувањето на  директивата за отпадните води во градовите и во просек  загадувачите на вода мораа да платат по 8 милиони евра казни. ЕСП, исто така, се закани со дополнителни неколку милиони за секои 6 месеци ако продолжат да  загадуваат.

Законодавството на ЕУ и дава право на Комисијата да предложи каква било финансиска санкција, а за крајната сума одлучува ЕСП. ЕСП не е лимитиран со горна или долна граница и може да оди многу повисоко од практиката досега. Инаку, највисоката санкција што ЕСП некогаш ја донел била во износ од  40 милиони евра за Италија поради „општо и упорно неисполнување на обврските за управување со отпадот“.Највисоката годишна исплата е 115,5 милиони евра, наметната на Франција во 2005 година за дозволата на рибарите да ловат премногу мали риби.

Од друга страна ЕК редовно наметнува финансиски санкции кон компаниите поради нарушување на политиката за конкуренција. Максималното ниво на казни против компаниите е до 10 проценти од заработката на компанијата во претходната деловна година. Нели Крос, еврокомесарката што го смисли ова, сакаше со оваа сума да испрати три јасни сигнали до компаниите: „Не кршете ги правилата против доверба, ако го сторите тоа, прекинете го што е можно побрзо и откако ќе престанете, немојте да го правите тоа повторно “.

Во јули 2018 година, Маргрет Вестагер, еврокомесарката задолжена за конкуренција, објасни зошто Комисијата изрече енормно висока парична казна за Гугл:

„Сакаме Гугл да го смени своето незаконско однесување. Ова  не е морален потфат, ова е пазар, постојат правила на овој пазар, и како и сите други, и Гугл треба да работи според овие правила“, порача таа.

Казната изнесуваше дури 4,3 милијарди евра, иако една година претходно Комисијата веќе го казни Google со 2,3 милијарди евра. Во март 2019 година го казни со дополнителни 1,49 милијарди евра. Само минатиот месец, Комисијата ги казни „Фолксваген“ со 500 милиони и БМВ со 375 милиони, за заеднички заговор да не инсталираат технологија за намалување на емисијата на гасови на нивните возила. Комесарката Вестагер тогаш ги предупреди компаниите:

„Ние не толерираме вакви договори меѓу компаниите.Тоа е нелегално според антимонополските правила на ЕУ. Конкуренцијата и иновациите во управувањето со загадувањето на автомобилите се од суштинско значење за Европа за да ги исполни амбициозните цели на Зелениот договор. Оваа одлука покажува дека нема да се двоумиме да преземеме акции против сите форми на картелско однесување што ја загрозуваат оваа цел “, порача таа.

Овие примери покажаа дека кога сака,  Европската комисија може да биде нетолерантна за прекршување на законодавството на ЕУ. Но, кога се во прашање земјите членки, казните обично се релативно скромни,а  формулата на која се базирани не е обврзувачка. За висината на финансиската санкција нема горна граница, но самата ЕК подвлекува дека целта мора да биде „да се обезбеди дека самата казна е пречка за понатамошна повреда “.Секоја финансиска санкција мора да биде прилагодена на конкретниот случај, а Комисијата го задржува правото да ја искористи својата дискреција и да отстапи од истите правила и општи критериуми.

Во 2017 година Комисијата објави дека ќе им даде приоритет на сите случаи што го поткопуваат владеењето на правото во Унијата. Ова ќе важи директно за пресудата на ЕСП на 15 јули оваа година изречена против Полска. Досега немаше  случај на повреда со слично значење за правниот систем на ЕУ и за опстанокот на владеењето на правото. Комисијата и ЕСП би можеле да донесат одлука за  исклучително голема казна врз основа на член 19 кој вели дека „секогаш кога ЕСП ќе открие дека правото на ефективна правна заштита преку националните судови е  прекршено во земјите -членки и тие не ја поправаат ситуацијата, финансиска санкција што ќе се наметне ќе изнесува најмалку 1 процент од БДП на земјата годишно“. Во случајот со Полска, која има БДП од околу 520 милијарди евра, тоа би изнесувало околу 5,2 милијарди евра годишно.Ако полската влада се обврзе целосно да ја спроведе оваа пресуда пред 16 август и се откаже од намерата  да ги контролира судиите, нема да има финансиска санкција. Но, која е тогаш поентата на санкциите? (ЕСИ)