Ерос


ЛЕЈЛА САБИТ

Доживеан, опеан, насликан, напишан, митологија и реалност.

Длабока, скриена, голема тајна, силна возбуда или едноставно синоним за италијанска канцона од репертоарот на големиот Рамацоти.

Од едно праменче коса на саканата можат да се напишат сто песни.

Само со едно видување љубовта и еросот може да траат до гроба.

Една малку подотворена врата и зад неа една женска сенка се носи во себе со децении.

Долга коса, вита става и полнење вода на чешма, неизбришана слика засекогаш.

Еден поглед, голема литература.

Една воздишка, несоница.

Едно писмо, години надеж.

Еден бакнеж макар оддалеку, цел свет е твој.

Може да се сака силно и без допир и без збор.

Порано, а сега како да се опише љубовниот занес?

Денес има, утре нема.

Пари нема, љубов нема.

Пари има, пак љубов нема.

Многу пари има, ич љубов нема.

Љубовта веќе нема тапија.

Како доаѓа, така и си оди.

Порано, откако ќе ја снемаше љубовта, немаше тешки зборови зад грб.

Сега има и претешки.

Порано зборовите беа повредни.

Сега не вредат ни пет пари.

Порано имаше мажи. Денес е тешко да се препознаат.

Ако ги откриете, чувајте ги како капка вода на дланка.

Ова е сепак свет на жените кои сакаат да бидат мажи, ама разубавени со ботокс и силикони.

Кој ќе признае, половина му се простува!