Епидемијата на ебола во Конго се влошува


И покрај повеќенеделните напори, епидемијата на ебола во Централна Африка не само што не е под контрола, туку и се влошува во Демократска Република Конго, при што се зголемува ризикот од нејзино ширење во соседните земји, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).

Оваа епидемија е најголемата со која земјата се соочила досега, наведува здравствената агенција на ОН.

„Потребно е значително да се зголемат активностите за одговор за да се стави епидемијата под контрола“, наведува СЗО во соопштението објавено денеска.

Во изминатата недела беа пријавени повеќе инфекции (567) и повеќе смртни случаи (296) отколку во која било друга претходна недела, се вели во соопштението. Вкупно, СЗО го проценува бројот на лабораториски потврдени случаи на 3.605, вклучувајќи 1.587 смртни случаи. Околу 651 пациент ја преживеале инфекцијата.

Претходната најголема епидемија во Конго се случи меѓу 2018 и 2020 година, кога беа регистрирани 3.317 потврдени случаи.

Тековната епидемија е од варијантата Бундибугјо, за која сè уште нема одобрена вакцина. Во тек е тестирање на новоразвиена вакцина.

Повисоките бројки делумно се должат на подобриот надзор и поголемиот број лабораториски тестови, наведува СЗО.

Според организацијата, само до 80 проценти од контактите на заразените лица се следат за можна инфекција во период од три недели, но специјалистите велат дека е потребно тој процент да изнесува 95 отсто.

Здравствените работници се соочуваат со тешка безбедносна ситуација поради конфликтите со бунтовниците, стотиците илјади раселени лица и длабоката недоверба кај населението.