Економскиот раст лани 3,6 отсто, ги надмина проекциите на Владата и на ММФ

Владиниот тим, кој на прес конференција ги презентираше показателите за растот на БДП, не го криеше задоволството, истакнувајќи дека тоа е доказ за исправните политики 

Растот на домашниот бруто-производ лани изнесуваше 3,6 отсто и ги надмина проекциите на Владата, како и на меѓународните финансиски институции, како Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, чии прогнози беа 3,5 отсто или помалку. Растот на БДП во последниот квартал лани беше 3,4 отсто во однос на истиот период претходната година, покажаа извештаите на Државниот завод за статистика. Владиниот тим, на чело со премиерот Оливер Спасовски и министрите за финансии, Нина Ангеловска, за економија, Крешник Бектеши и за земјоделство Трајан Димковски, кои денес на прес конференција ги презентираа овие показатели, не го криеја задоволството, истакнувајќи дека тоа е доказ за исправните политики што ги водат.

Бевме внимателни со иницијалниот буџет за минатата година, одевме со проекција од 3,2 проценти раст, но економските политики дадоа дополнителен импулс за да имаме вакви економски параметри. Затоа на средина на годината ја корегиравме проекцијата на 3,5 проценти. Повторно, реализацијата ја надмина и оваа корекција, но и проекциите на ММФ, на Светска банка. Додека тие ја намалуваа проекцијата за раст на глобалната економија, ја зголемуваа проекцијата за раст на македонската економија“, рече премиерот Спасовски.

Тој се пофали дека Македонија е на осмо место според растот на табелата од 38 земји на ЕУ и од регионот и тоа пред Бугарија, Кипар, Хрватска, Чешка, Словенија и други земји на ЕУ.

„Тоа ни дава за право да кажеме дека економските и финансиските политики на Владата даваат резултат и го одржуваат трендот на стабилен раст на нашата економија“, рече Спасовски и додаде дека според овие показатели се оствари определбата на Владата дека 2019 година ќе биде година на економијата.

Тој нагласи дека раст е резултат на напредок во сите сектори – во индустријата, во земјоделството, трговијата, во градежништвото и услугите и во други дејности.

„Невработеноста е намалена на историски најниско ниво од 16,6 проценти додека вработеноста е на највисоко ниво досега од 47,9 проценти, рече Спасовски. Тој додаде дека во четвртиот квартал лани во однос на истиот период 2016 година има 76.255 повеќе вработени и нагласи дека и во наредниот период Владата останува на патот на реформите и на економскиот раст.

Министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека растот на БДП е сублимат на добрите економски и фискални политики, како и дека особено радува што е остварен паралелно со стабилизирање на стапката на јавниот долг.

„Задолжувањето е оправдано само ако е за инвестиции. Порано јавниот долг беше брзорастечки, а не продуцирал високи стапки на раст. Сега е стабилизиран и економскиот раст е зголемен, рече министерката Ангеловска.

Таа додаде дека Буџетот е стабилен и ликвиден, како и дека добриот тренд на реализација продолжи и годинава.

Растот на даноците и придонесите годинава изнесува 8,5 проценти“, рече Ангеловска, што е резултат и на зголемување на бројот на вработени. Таа исто така нагласи дека невработеноста кај најмладата возрасна група од 15 до 24 години е значително намалена, за 13,8 проценти, и сега изнесува 35 проценти.

„Тоа е се уште високо ниво, но работиме за натамошно намалување, рече Ангеловска.

Таа откри и дека кредитната агенција Стандард и пурс го потврдила кредитниот рејтинг за земјава кој е ББ- со стабилен изглед, што е потврда за добрата економска состојба.

Ова е уште еден добар сигнал дека економијата е на добар пат и доколку се продолжи со стабилните политики може да очекуваме и раст на кредитниот рејтинг, рече Ангеловска.

Во пресрет на Меѓународниот празник на жената, 8 Март, Ангеловска се осврна и на родовата еднаквост и рече дека подоброто користење на потенцијалите на жените, особено оние со високи квалификации и вештини, ќе придонесе за уште поголем раст на БДП.

Министерот за економија Крешник Бектеши, истакна дека растот на градежништвото покажува дека сите проекти се направени врз база на прецизни анализи.

„Се градат патишта, се реализира речиси целосно планот за економски раст, вклучувајќи го и Законот за финансиска поддршка и мерките преку ФИТР. Исто ги третираме и домашните и странските инвеститори, веќе има стотина компании што се поддржани од Владата кои имаат големо влијание во растот на економијата, рече Бектеши,

Министерот Трајан Димковски, пак, го нагласи зголеменото учество на земјоделството во вкупниот БДП, кое сега изнесува 3,8 отсто. Тој исто така посочи дека земјоделството има нагорен тренд во извозот и во производство.

Извозот на земјоделско прехранбени производи бележи пораст од 14,5 отсто, што е највисока стапка до сега, рече Димковски. Тој додаде дека е намален и дефицитот меѓу увозот и извозот на земјоделско-прехранбени производи, за 13,8 отсто или од 246,6 милиони евра во 2018 година, на 212,6 милиони евра минатата година.

И натаму најзначаен извозен земјоделски производ е тутунот, но зголемен е и извозот на пиперките, раниот и конзервиран зеленчук, на јаболката и на други производи.