Eкономски хроничар: „Ова е само почеток на кризата”


(Дојче Веле)

Кризата со коронавирусот покажува сличности со воените економии, вели историчарот Албрехт Ричл во разговор за ДВ. Таа може да ги достигне димензиите на светската економска криза. Сепак, Германија е добро подготвена.

Вие сте историчар и се занимавате со економските кризи. Кажете ни ги накратко главните одлики на една економска криза?

-Намалување на побарувачката, намалување на производството, масовна невработеност, финансиска криза и често следи и криза со презадолженост на државата.

Тоа навистина беа само неколку збора. Каде се наоѓаме сега во актуелнава криза?

Ние сме допрва на почеток на кризата. Може толку да се влоши и да ја достигне светската економска криза од раните 40-ти години на минатиот век. Не е исклучен ни пад на БДП за околу 20 проценти.

Прогнозите се лоши и зависат од тоа колку ќе трае мерката карантин.

Економијата е речиси замрзната, речиси сите активности се замрени. Имало ли такво нешто претходно? 

Секоја споредба има недостатоци, но најсоодветна е веројатно таа со воените економии, стопанството во воени услови. Тогаш насекаде се затвораат угостителски објекти, помали продавнички и занаетџиски дуќани. Причината за тоа порано била што ресурсите требало да бидат ставени во функција на војната. Но, тука сега е големата разлика. Сепак може уште сега да се каже дека некои области би можеле да бележат загуби исто како и во војна, кога во одредени сегменти економијата имаше намалување до 70 проценти.

Албрехт Ричл

Колку долго може да функционира без последици такво замрување на економијата? 

Сите ние нагаѓаме кога би можело да дојде до проблеми со снабдувањето или социјални немири. И гледаме дека политичарите на меѓународно ниво се во паника од таа причина. Најубаво тоа се забележува на примерот на американсккот претседател: тој се обидува да си ја спаси фотелјата со тоа што ветува дека по Велигден повторно ќе ја крене економијата. Никој не знае како дошол до таа проценка. Но, честопати политичките математики се различни од оние на експертите.

Дали државата во такви ситуации економско-политички има моќ да влијае на тековите?

Тоа што сега се презема како мерка е фрлање пари за прва помош, на пример во САД. Не е ништо поразлично ниту со средствата за скратеното работно време во Германија. И тоа ни е познато од војните. Во основа е обид за гасење на „финанскиот пожар”. Тоа се реактивни потези, а не моќ да се креираат тековите. Големиот непознат фактор во равенката е во мерките за ублажување и нивниот ефект. Актуелно жестоко се дискутира дали лечењето е полошо од самата болест.

Државите актуелно трошат многу пари, може да се каже и дека ги „печатат”. Дали инфлацијата е нужен резултат?

Дали тоа ќе се случи не се знае. Сите економисти го предвидуваа тоа за времето по финансиската криза во 2008. И сите ние не бевме во право – ниту јас лично. Сакам да кажам дека не знаеме со сигурност. Но, дури и да ризикувам два пати да не бидам во право, сметам дека постои таков ризик.

Како кризите ја менуваат економијата? 

Главниот ефект се поместувања во индустријата и различни сектори во поглед на начинот на кој се работи.

Типичен пример е тоа што го правиме сега, работа од дома. Може да си замислам дека голем дел од работата ќе остане таква. Сите големи војни и кризи предизвикаа поместувања во начинот на производството.

На пример?

Прва светска војна: засилување на вработеноста на жените, признавање на синдикатите, на работното време од 8 часа дневно, спроведување на правото на глас. 30-тите години беа насилен обид да се врати тркалото на промените. По Втората светска војна имаше масовно индустриско производство, раст на потрошувачкото општество, масовен пристап до подобра едукација. Ова се сѐ примери за настанати промени по економски кризи.

Има ли фактори кои помагаат при заздравувањето од една криза?

Вистинскиот двигател за излез од криза е степенот на државното задолжување. Ако земјата пред кризата имала релативно ниско задолжување, а со тоа и‘ стоеле на располагање и повеќе фискалнополитички средства, тогаш полесно и побрзо ќе се излезе од кризата. Земјите кај кои тоа не било така, вообичаено на крајот на кризата мораат да се борат и со огромното задолжување. Јужна Европа по финансиската криза во 2008 година е класичен пример за тоа, а ќе биде и овој пат исто така.

Значи, Вие сметате дека Германија е поподготвена за справување?

Германија со нејзината спорна политика за „црната нула“, политика на незадолжување, фактички ја држеше економијата под контрола и сега може во голема мера да си дозволи противмерки. Така погледнато, Германија е релативно добро позиционирана. Но, ние имаме проблем што сме меѓународно посилно исповрзани од повеќето големи економии, што значи дека за нас повеќе отколку за другите е битно да им е добро и на нашите соседи.

(Aлбрехт Ричл е екoномски историчар и од 2007 година предава на Лондонската школа за економија)