Еколошка катастрофа: Во Норвешка угинаа 96.000 лососи поради истекување на хлор


Се верува дека околу 96.000 лососи угинале во Норвешка кога од блискиот резервоар истекол хлор во фјордот, каде рибите се одгледувале.

Истекле дури 15.000 литри хлор.

Портпаролот на компанијата за одгледување лососи „Григ Сифуд“, Роџер Педерсен, рече дека истекувањето се случило од една кланица во градот Алта и дека рибите тогаш биле во кафез за чекање, пишува АП.

„Го поврзуваме овој инцидент со истекнување на хлорот“, рече Педерсен и објасни дека хлорот се користи за дезинфекција на водата по колежот и дека на одговорен начин ќе се истражи зошто дошло до истекување.

На Твитер, норвешката полиција на северот од Норвешка објавија дека „значителни количини лососи се мртви“ и дека течноста истекла во Атланскиот Океан.