Екоакција за чистење на Паркот на природата „Езерани“ во Преспа


По повод Денот на екологијата, Македонско Еколошко Друштво, Општина Ресен,  ЈКП Пролетер и музичката група „Реприза“ од Ресен организираа акција за чистење на Паркот на природата „Езерани“ во Преспа.

Акцијата ја поттикна групата Реприза, што неодамна објави песна за еко активизам „Засукај ракави“, со која повикуваат сите да ги засукаме ракавите и да го исчистиме ѓубрето.

„Оваа акција ја организираме за да се види која е суштината позади мотото „Засукај Ракави“. Со ова мото не значи дека треба еднаш во годината да се направи акција на која ќе броиме колку вреќи ѓубре сме собрале. Туку нашите ракави треба да останат засукани во текот на целата година и на денот на екологијата, да славиме затоа што планетата ни е чиста. Ние  веруваме дека секој човек може да се подобри. Ајде заедно да ги засукаме ракавите и така да останат се додека загадуваме“, истакнаа од Реприза и апелираат поддржувачите на ваквите акции да го користат хаштагот #ZasukajRakavi.

Од Општина Ресен  за време на настанот истакнаа дека тие имаат обврска и должност да излезат во пресрет на граѓаните што сакаат да одлагаат кабаст отпат, но и дека како управувачи на заштитеното подрачје „Езерани“ се залагаат да ги зачуваат неговите природни вредности.

Паркот на природата „Езерани“ е едно од најзначајните места за птиците во Европа. Тука може да се сретнат дури 42 отсто од европските видови птици. Освен тоа, тој не е важен само за светските летачи, туку и за самото Преспанско Езеро. Го помага прочистувањето на водата во езерото, како и одржувањето на неговиот биодиверзитет. Сепак и покрај природните вредности овој дел од езерото често е загаден со кабаст отпад и градежен шут што го фрлаат несовесни граѓани.

Македонското еколошко друштво го одбележува Денот на екологијата со цел да промовира активности поврзани со екологијата, науката и општеството и креирање основни услови за одржлив развој и зачувување на животната средина.