Едноминутна видеоигра прецизно го открива аутизмот кај децата (видео)


Истражувачите од Институтот „Кенеди Кригер“ и Универзитетот „Нотингем Трент“ развиле едноминутна видеоигра која прави разлика помеѓу децата со аутизам од оние со АДХД, или оние без овие нарушувања, пренесе Факултети.мк.

Алатката наречена „Компјутеризирано оценување на моторната имитација/Computerized Assessment of Motor Imitation (CAMI)“ користи технологија за следење на движењата, за процена на вештините за моторна имитација. Алатката успешно ги разликува децата со аутизам од децата без ментални развојни нарушувања со 80 отсто точност, а аутизмот од АДХД во 70 отсто од случаите, покажуваат резултатите од експериментот објавен во „Британскиот журнал за психијатрија“.

– Аутизмот традиционално се смета за социо-комуникациско нарушување, но сега знаеме дека сензорно-моторните тешкотии, како што е моторната имитација, играат клучна улога во обликувањето на социјалните и комуникациските вештини. Алатката го препознава аутизмот и го разликува од АДХД – објаснуваат истражувачите.

Со понатамошен развој CAMI може да се приспособи за помали деца и деца со потешки пречки во развојот. Оваа алатка може да го промени начинот на кој се дијагностицира аутизмот и да го подобри квалитетот на животот на децата со оваа состојба.