ЕБОР прогнозира пад на македонскиот БДП за 3,5 отсто во 2020 и раст од 5,5 отсто во 2021


Растот во регионите во кои што е присутна Европската банка за обнова и развој оваа година ќе се намали во просек за 3,5 проценти, се вели во најновото издание на Регионалните економски изгледи, објавено денес

 

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во најновиот извештај за Регионалните економски изгледи, објавен денеска, прогнозира пад на македонскиот БДП од 3,5 проценти во 2020 година и економски раст од 5,5 проценти идната година. Падот годинава според се должи на влијанието на пандемијата на корона вирусот врз економијата, се вели во најновата макроекономска прогноза на Европска банка за обнова и развој што се објавува двапати годишно..

Во делот на извештајот посветен на нашата земја се вели дека растот во 2019 година се зголеми на 3,6 отсто, од 2,7 отсто во 2018 година, главно поради домашната побарувачка и закрепнувањето на инвестициите. Решавањето на проблемот со името со Грција помогна да зајакне довербата кај инвеститорите, а тоа се рефлектира и врз кредитниот рејтинг (ББ +) од кредитната агенција Фич, во јуни 2019 година. Во услови на ниска инфлација (просечно 0,8 отсто во 2019 година), централната банка ја намали основната каматна стапка за 0,25 процентни поени во јануари 2020 година, на 2,0 отсто, и уште 25 основни поени во март 2020 година, со цел да се ублажат неповолните последици од мерките за спречување на корона вирусот врз домашната економија.

„Ранливоста од епидемијата во Северна Македонија е умерена и, под претпоставка за повлекување на мерките за социјално дистанцирање, се очекува дека БДП ќе падне за 3,5 проценти во 2020 година, а во 2021 година ќе се зголеми за 5,5 отсто“, се вели во извештајот на Европската банка.

Прогнозата на Европската банка е во рамки на досегашните предвидувања за ефектите од корона кризата врз македонската економија што ги објавија и другите меѓународни финансиски институции. И во извештаајот на ЕБОР се предвидува дека падот на БДП во Македонија, покрај Србија, ќе биде најмал споредено со падот што ќе го забележат другите земји во регионот на Западен Балкан и пошироко во Европа. Така, најголем пад на БДП во земјите од регионот годинава ќе имаат Албанија (9 отсто) и Црна Гора (8 отсто), но и двете земји се предвидува во 2021 година да имаат силен раст од 12, односно 10,5 отсто.

Босна и Херцеговина годинава ќе има пад на БДП од 4,5 отсто и раст од 6 отсто во 2021, а Косово пад од 5 отсто оваа година и раст од 7,5 отсто наредната година. За српската економија се предвидува пад од 3,5 отсто оваа година и раст од 6 отсто во 2021.

Хрватска се предвидува да има пад на БДП од 7 отсто оваа година и раст од 6 отсто во 2021, а Словенија годинава ќе има пад на БДП од 5,5 отсто и раст од 5 отсто наредната година, прогнозира ЕБОР.

Економиите во регионите што ги покрива ЕБОР може да се намалат во просек со 3,5 отсто оваа година, со скок од 4,8 отсто во 2021 година, се вели во извештајот, при што се предупредува дека проекциите се предмет на „до сега невидена неизвесност“.

Главниот економист на ЕБРД, Беата Јаворчик, вели дека како што светот излегува од кризата, клучно е да се насочи кон идната соработка и поголема економска еластичност.

„Кризата беше голем удар и излегувањето од таквата состојба ќе биде исто толку предизвикувачко. Не е време да се влезе во економски национализам и протекционизам, туку треба да се обликува подобра иднина преку меѓународна посветеност за слободна трговија, намалување на климатските промени и за економска соработка “, рече таа.

Извештајот претпоставува дека кризата ќе има умерено влијание врз долгорочната траекторија на економското производство, со раст кој ќе продолжи кон крајот на третиот квартал, но и со потенцијално значителни долгорочни економски, политички и социјални ефекти.

„Доколку социјалното дистанцирање остане многу подолго од предвиденото, рецесијата може да биде многу подлабока, така што во наредните години нема да може да се достигне нивото на производство на жител од 2019 година“, се вели во извештајот.

Низ регионите на ЕБОР, мерките за ограничување влијаеја на домашната побарувачка и на понудата. Надворешните шокови вклучуваат остар пад на цените на производите, тешкотии при извозот на стоки, нарушување на глобалните синџири на снабдување, колапс во туризмот и пад на дознаките од странство.

ЕБОР инвестира во економиите во развој почнувајќи од земјите во централна и источна Европа до државите во Централна Азија и на Блискиот исток и во Северна Африка. Речиси сите земји во кои е присутна ЕБОР веројатно ќе забележат економска контракција оваа година, со

само мал број исклучоци, како Туркменистан и Узбекистан во Централна Азија и Египет.

Во просек, економиите во Централна Азија, кои се најдоа под притисок поради падот на цените на производите и на дознаките, ќе се намалат за 1,2 проценти оваа година, пред да закрепнат за 5,8 отсто во 2021 година.

Казахстан и Узбекистан имаа фискални можности и обезбедија значителен стимул за нивните економии. Сепак, помалите земји, како што се Киргистанската Република, Монголија и Таџикистан, се повлечени надолу поради исклучително ограничениот фискален простор и значителниот пораст на долгот.

Како што светот излегува од кризата, клучно е да се насочи кон идната соработка и поголема економска еластичност, вели главниот економист на ЕБОР, Беата Јаворчик

Во централна Европа и во Балтичките држави строгите мерки на ограничување вклучуваа масовно затворање на деловните субјекти и училиштата, додека нарушените синџири на снабдување беа пречка за производството, вклучително и во автомобилска индустрија која зафаќа речиси половина од индустриското производство во Словачка. Послабата надворешна побарувачка веројатно ќе го одложи закрепнувањето. Производството во регионот се очекува значајно да се намали во 2020 година за 4,3 проценти, но и да забележи силен скок во 2021 година, за 4,5 отсто.

Во извештајот се истакнува дека Полска, најголемата економија во овој регион, била особено еластична за време на глобалната финансиска криза во 2008-09 година. Се очекуваше корона кризата посериозно да влијае врз домашните бизниси и врз вработеноста, со оглед на високото ниво на интегрираност на Полска во глобалните синџири на снабдување и големата изложеност на трговијата, особено во рамките на Европската унија. Полската економија се очекува да се намали за 3,5 отсто во 2020 година и да порасне за 4,0 проценти во 2021 година.

Во извештајот се вели дека корона кризата во земјите во источна Европа и Кавкаскиот регион веројатно ќе има сериозно влијание и дека ќе бидат погодени поради затегнување на глобалните финансиски пазари, како и силниот притисок врз домашните девизни пазари и намалената странска побарувачка.

Пониските цени на производите вршат дополнителен притисок врз извозниците на јаглеводороди и метали – Азербејџан, Украина и Ерменија – додека очекуваниот пад на дознаките ќе изврши притисок врз расположливиот доход кај домаќинствата, особено во Молдавија, Ерменија, Украина и Грузија. Губењето на приходите од туризмот ќе биде значаен удар за грузиската економија.

Во Украина, комбинацијата на намалената странска побарувачка и падот на домашната побарувачка заради мерките воспоставени за заштита на јавното здравство за да се задржи ширењето на вирусот, влијаеа врз производството и услужните сектори. Економијата се очекува да се намали за 4,5 проценти во 2020 година и да порасне 5,0 проценти во 2021 година.

Во извештајот се вели дека Русија се соочува со двоен шок: на пандемијата од корона вирусот, која ја погоди глобалната побарувачка и пропаѓањето на договорот за ограничување на производство на нафта, што заедно предизвика значителен пад на цените на нафтата и резултираше со нагло забавување на активностите.

Бидејќи руската економија сè уште зависи од нафтата, падот на цената на овој енергенс беше значаен, особено во поглед на можностите да се обезбеди фискален стимул. Руската економија се очекува да се намали за 4,5 отсто во 2020 година, и да забележи раст од 4,0 проценти во 2021 година.

Членките на ЕУ во југоисточна Европа, исто така, најверојатно ќе бидат сериозно погодени од кризата со корона вирусот главно поради нарушувањето што доаѓа од туризмот, особено во Кипар, Грција и Бугарија.

На Западен Балкан, Босна и Херцеговина, Македонија и Србија се очекува да бидат погодени поради нарушување на глобалните синџири на снабдување, заради нивните силни производствени основи. Албанија и Црна Гора ќе бидат погодени поради нивната зависност од туризмот, додека во Косово и до одреден степен во други економии на Западен Балкан, намалените дознаки ќе ја намалат домашната побарувачка.

Растот во Турција веројатно ќе биде погоден од пандемијата на корона вирусот во 2020 година, со пад на БДП од 3,5 проценти, проследен со силно закрепнување и раст од 6,0 отсто во 2021 година. Прогнозата многу зависи од времетраењето и обемот на мерките за социјално дистанцирање.

Во јужниот и источниот медитерански регион, се очекува негативното влијание на корона вирусот да се одрази врз туризмот (главен двигател на растот во сите економии во регионот во 2019 година), врз падот на домашната побарувачка заради мерките на ограничување, пад на побарувачката од главните трговски партнери и забавување на приливите на странски директни инвестиции.

Во просек, економиите од овој регион се очекува да се намалат за 0,8 отсто во 2020 година пред да се вратат со раст од 4,8 отсто во 2021 година.

Во Египет, најголемата економија во регионот, големите проекти за јавни градежни работи и бумот во телекомуникациите влијае врз растот. Египетската економија се очекува да забележи раст од 0,5 проценти оваа година и 5,2 проценти во 2021 година.

Другите економии во регионот – Јордан, Мароко, Либан и Тунис – се очекува да забележат пад кој ќе биде особено остар во Либан, за 11 проценти, кој веќе е во рецесија во 2018 и 2019 година.

Европската банка за обнобва и развој е мултилатерална банка која го промовира развојот на приватниот сектор и иницијатите за претприемништво во 38 економии на три континенти. Банката е во сопственост на 69 земји, како и на ЕУ и ЕИБ. (Н.В.)