Џафери официјално стави крај на иницијативата за недоверба на владата
Претседателот на Парламентот Талат Џафери, кој си замина од Собранието за да не и прави кворум за уривање на владата на опозицијата, нешто по 23 часот се врати во парламентарната сала за да означи официјално крај на седницата на која требаше да се гласа за доверба на владата, но за која не се собраа доволно пратеници ни за да почне.
-Бидејќи дневниот ред не е изгласан, не може да се отвори дебата за иницијативата на опозицијата и не останува ништо друго освен да се заклучи дека не и е изгласана недоверба на владата. Констатирам дека седницата е завршена и ја заклучувам, рече Џафери посакувајќи и успех на владата во наредните денови.
На затворањето беа присутни само пратеници на власта, вклучувајќи го и премиерот Зоран Заев.
Опозициските пратеници вечерва се повлекоа од Собранието, откако цел ден во законодавниот дом не се појави пратеникот од редовите на Движењето Беса, Кастриот Реџепи, кој на „Фејсбук“ порача дека е на безбедно. Потпретседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Александар Николовски изјави дека опозициската коалиција бара брзи предвремени избори. Според координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски владејачкото мнозинство е стабилно и најави негово зголемување.