Џафери не гледа пречка Хусни Исмаили да биде избран за потпретседател на Собранието


Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оцени денес дека нема основа да се отфрли предлогот на Алтернатива, по формирањето на новата влада, потпретседател на Собранието да биде Хусни Исмаили, за кој Антикорупциската комисија  покрена иницијатива за кривична пријава бидејќи трошел пари како екс министер за култура во период кога законски не смеел да го прави тоа. 

-За Собранието нема пречка тој да се избере за потпретседател. Се додека некој не е осуден  со правосуден акт, презумцијата на невиност е над сите иницијативи, порача Џафери на брифинг со новинарите.

Последната седница на Собранието до изборот на новата влада тој ја најави за 27 декември, порачувајќи дека законите што се во процедура ќе се стават на гласање, а тие за кои нема да успејат – новата влада ќе треба да реши дали да продолжи со нив или да ги прекине.

Тој негираше дека годинава Собранието завршило многу малку  работа и дека било најнеработно, посочувајќи дека имале седници 123 дена  и дека водел сметка за рационалноста во закажувањето на парламентарните расправи.Сепак, посочи дека има и објективни околности за таквата перцепција, како епидемијата, сообраќајната несреќа, изборите… па порача дека  конечно во државата треба да има редовни избори  место да  се доведува Собранието во ситуација со месеци ништо да не работи поради изборна кампања. Во тој контекст новинарите ја спомнаа Комисијата за избори и именување како „најнеефикасна во историјата на оваа институција“,  поради која од јануари Уставниот суд ќе остане  само со пет судии, а не мрдаат со години и постапките за избор на функционери во повеќе  други тела, бидејќи таа треба да предлага кој да биде избран, а не се состанува. 

-Немаат претседател, тоа е факт, но тоа не е пречка воопшто да не работат, рече Џафери  дополнувајќи дека постојано им укажува дека  имаат работа што треба да ја завршат. 

Тој наедно негираше дека каков и да е предлог за нови амбасадори дошол во Собранието, каде што ги преставуваат тезите за својата работа, што е формалност но ги остави празни со години амбасадите поради опструкциите во Комисијата за надворешна политика. Околу ставо, пак, на вицепремиерот Никола Димитров решението со Бугарија да биде одобрено од Собранието, Џафери рече  дека ако Владата процени дека и треба таква поддршка и ако го престави тоа во соодветна форма, нема зошто Собранието да не расправа за него. Но, нагласи дека надворешната политика е во рацете на извршната власт и на претседателот на државата, а Собранието има обврска да ги ратификува договорите што  носат знак „меѓународни“. Практично тој ја исклучи можноста решенитео со Бугарија да биде преточено во нов меѓународен документ покрај Договорот за добрососедство и соработка. (С.Ј.)