Две третини од Германците го поддржуваат стопирањето на извозот на оружје за Израел

Речиси две третини од германските граѓани ја поддржуваат одлуката на канцеларот Фридрих Мерц за делумна забрана на извоз на оружје за Израел, покажува истражување на „ЈуГов“ спроведено за ДПА.
Според анкетата, 65 отсто од испитаниците се согласуваат со мерката, 19 отсто се против, а 16 отсто немаат јасен став. Истражувањето било спроведено во средината на август врз примерок од 2.175 лица.
Мерц претходно изјави дека извозот на оружје што може да се користи во Појасот Газа ќе биде стопиран, повикувајќи се на проширувањето на израелските воени операции во палестинските територии. Тој нагласи дека Германија ќе продолжи да го поддржува правото на Израел на самоодбрана, но не може да испорачува оружје што би можело да предизвика масовни цивилни жртви.
Поддршката за оваа одлука е највисока кај гласачите на Зелените, Левицата, социјалдемократите и конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ, додека е пониска кај приврзаниците на либералните Слободни демократи и крајнодесничарската „Алтернатива за Германија“.
Во јавноста има поделени мислења дали ЕУ треба да го преиспита договорот за политички и економски односи со Израел. Неколку земји, меѓу кои Шпанија и Франција, бараат суспензија на пактот поради израелските дејствија во Газа.
Германија се противи на укинување на договорот, наведувајќи дека дијалогот мора да продолжи. Анкетата покажува дека 45 отсто го поддржуваат овој став, 32 проценти не се согласуваат, а 23 отсто немаат став.