ДУИ: ВЛЕН избра двајца кормилари на бродот што тоне


Вчерашниот чин, каде што неколку политички субјекти се обидоа да се сокријат зад името на една партија, не е обединување, туку последен очаен крик за политички опстанок. Иронијата е целосна – ВЛЕН избра двајца кормилари да го водат истиот брод што веќе забрзано тоне, велат од ДУИ.

„Ова фрагментирано раководство е директно признание дека во тој политички состав владее целосна недоверба и фрагментирање. Наместо визија, тие понудија пазар на ега, бидејќи никој не сакаше да му го отстапи местото на другиот, па решија да глумат партија со двајца претседатели. Вистината е јасна: ВЛЕН се обедини само за заедно да се распадне.

Поставувањето на двајца лидери е доказ дека партијата е поделена на фракции уште пред да почне да функционира. Во меѓувреме, додека лидерите самите се прогласуваат, министри и клучни функционери од нивните редови веќе го напуштија бродот, одбивајќи да бидат дел од овој неуспешен проект, наменет само за спас на неколку политички кариери“, стои во соопштението на ДУИ.

Од партијата обвинуваат дека коалицијата која стана партија одвнатре се распаѓа, а испраќа пораки за „нула корупција“.

„Албанците не заслужуваат политички експерименти. Вчерашниот ден треба да се памети само како почеток на крајот на една групација што ја жртвуваше иднината на сопствениот народ за да ги зачува фотелјите. Коалицијата ВЛЕН се соочува со вистински кадровски дебакл. Додека одвнатре се распаѓаат, продолжуваат да испраќаат лажни пораки за „нула корупција“, додека реалноста ги демантира во секој чекор. Не може да се бори против корупцијата партија која е создадена вештачки, кога самата ја практикува во дело. Речиси две години се на власт, а билансот на нивните клучни ветувања е нула:

  • Уставните измени: Главниот столб на изборите во 2024 година – ветувањето дека нема влада без уставни измени, или измени за 3 месеци, или измени во рок од 6 месеци – официјално е напуштено.
  • Децентрализација и инфраструктура: Не видовме никаква децентрализација на општините, напротив, централизацијата е продлабочена. Не видовме ниту пак подобрување на локалната инфраструктура во средините со албанско мнозинство.
  • Албанската академија: Ветената академија на науките и уметностите заврши полошо и од некое локално и невидливо здружение.
  • „Албанската банка“: Наместо поддршка за албанските бизниси, ги измамија гласачите и дозволија влез на српски капитал преку Алта Банка.
  • Обложувалници и казина: Лажни се покажаа ветувањата за нивно затворање. Законот беше повлечен од Собранието, додека Изет Меџити продолжи да профитира од монополот „Мегавин“, за кој самиот тврдеше дека ќе биде затворен.
  • Охридскиот договор и јазикот: Наместо зајакнување на Инспекторатот за јазици и достоинствен третман на албанскиот јазик, напредуваат само бизнис-интересите на нивните лидери.
  • Граѓаните како акционери: Ветуваа дека народот ќе има удел во јавните добра и државниот имот. Во реалноста, „акционери“ во профитабилните бизниси (казината и банките) станаа само луѓето блиски до раководството.
  • И многу други ветувања со кои ги измамија Албанците.

Многу брзо ќе бидат подложени на итен меѓународен ветинг за имотот на функционерите, како и на целосна ревизија на криминално стекнатиот имот на кланот околу Меџити“, реагираат од ДУИ.