ДУИ обвинува: „Мастерпланот“ за Чаршијата е тендерска шема за асфалт


Фото: Б. Грданоски

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска упати критики до локалните власти во Чаир обвинувајќи дека долгонајавуваниот „мастерплан“ за Старата скопска чаршија се свел на обична импровизација и сомнителни тендерски зделки.На прес-конференција, Имране Велиу-Алиу истакна дека наместо ветената заштита на автентичноста на Чаршијата има уништување на калдрмата и нејзина замена со асфалт.

Според ДУИ, сето тоа се прави преку процес што отвора сериозни сомнежи, а како изведувач е избрана компанијата „Ленди груп“. Од партијата велат дека станува збор за фирма основана во 2024 година која без долгогодишно искуство почнала да добива милионски договори.

„Не станува збор за компанија со долга историја, докажани референции или долгогодишно искуство во проекти од ваков обем. Сепак, таа се појавува како последователен победник во општините управувани од ВМРО-ДПМНЕ. Сомнежите дополнително се продлабочуваат од фактот што во одредени случаи проценетата вредност на тендерите се совпаѓа на чуден начин со победничката понуда“, изјави Велиу-Алиу.

Од ДУИ прашуваат дали Општината го враќа долгот кон ВМРО-ДПМНЕ за изборната поддршка. Тие тврдат дека Чаир не смее да биде последната алка во синџирот на тендери кои служат за партиски интереси.ДУИ од општинските власти бара објаснување како новоформирана фирма толку брзо станува доминантен актер и кој ја фаворизира. Исто така, бара целосна транспарентност за сите договори на „Ленди груп“, за критериумите, понудите и за начинот на избор.

„Јавните пари не се за експерименти ниту, пак, за политички награди“,рече Велиу-Алиу.

Реакцијата на ДУИ доаѓа откако вчера градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, го претстави проектот за кој рече дека по повеќе од 50 години ја враќа Старата чаршија во нејзиниот автентичен идентитет и ја воздигнува на ново ниво на развој.