Драматично во Сао Паоло, прогласена вонредна состојба поради шумските пожари


Големи пожари го опустошуваат југоисточниот дел на Бразил, поради што владата на државата Сао Паоло прогласи вонредна состојба во 45 општини, јави ДПА.

Според властите, повеќе од 15.000 пожарникари, поддржани од воени авиони, се борат со пламените јазици. Властите соопштија дека две лица се уапсени поради подметнување пожар.

Градот Рибеирао Прето, кој се наоѓа на околу 300 километри северно од Сао Паоло, е значително зафатен од пожарите. Локалните медиуми јавија дека густ чад се проширил на големи делови од регионот.

Податоците од Националниот институт за вселенски истражувања на Бразил, кој користи сателитски снимки, покажуваат дека во периодот од 1 до 23 август, во државата Сао Паоло биле регистрирани 3.175 пожари.

Новинската агенција „Agenzia Brasil“ јави дека ова е најголем број пожари во месец август од 1998 година.

Сезоната на шумски пожари во Бразил трае од јуни до октомври. Честопати намерно се подметнуваат пожари за да се создадат нови пасишта и обработливо земјиште за одгледување на култури како што е соја.