Драмата во Казахстан: Претседателот се заканува со безмилосен одговор

Поскапувањето на течниот гас беше само иницијална каписла за протестите. Главните причини лежат во корупцијата и енормното богатење на малата елита


Ангажирани се масовни полициски сили за да ги задушат протестите (Фото: АП)

 

Претседателот на Казахстан се закани дека безмилосно ќе ги запре протестите што се во тек низ целата земја, тврдејќи дека немирите довеле до смртни случаи и повреди меѓу службениците за спроведување на законот.

„Како шеф на државата… планирам да дејствувам што е можно построго“, рече Касим-Жомарт Токаев во телевизиското обраќање во средата попладне. „Ова е прашање на безбедноста на нашата земја. Сигурен сум дека народот ќе ме поддржи“, додаде тој, велејќи дека не планира да избега од главниот град на земјата.

Претходно во средата, Токаев ја прифати оставката на владата и воведе вонредна состојба во неколку провинции во обид да ја врати контролата врз ситуацијата, но потезите не успеаја да ги одвратат лутите толпи.

Протестите започнаа во западниот дел на земјата викендов, по наглото зголемување на цените на горивото, но брзо се проширија и ги изненадија властите на Казахстан и меѓународните набљудувачи.

Во Алмати, најголемиот град и трговски центар на земјата, имаше жестоки судири меѓу полицијата и демонстрантите, градската куќа беше запалена, а чад и пламени беа видливи од неколку ката на импозантната зграда.

Во други градови, вклучително и Актобе на западот на земјата, толпи се обидоа да упаднат во владините згради. Имаше извештаи и видеа од запалени полициски автомобили и безбедносни возила запленети од толпата.

„Властите се обидуваат да направат сè да ги смират работите, со мешавина од ветувања и закани, но засега тоа не функционира“, рече Досим Сатпаев, политички аналитичар од Алмати. „Ќе има имитации на дијалог, но во суштина режимот ќе одговори со сила, бидејќи тие немаат други алатки“.

Токаев ги обвини протестите дека се дело на „деструктивни поединци кои сакаат да ја поткопаат стабилноста и единството на нашето општество“.

На моменти, властите го исклучуваа мобилниот интернет и го блокираа пристапот до апликациите за пораки, а во средата попладне интернетот падна низ поголемиот дел од земјата. Властите соопштија дека армиските единици биле донесени во Алмати за да се воспостави ред.

Сликите на полицијата која е совладана од демонстранти веројатно ќе предизвикаат тревога во Кремљ, бидејќи втора земја сосед на Русија е дел од политички немири. Казахстан е дел од економската унија со Русија и двете земји имаат долга граница.

„Се надеваме на што поскоро нормализирање на ситуацијата во земјата, со која Русија е поврзана со стратешко партнерство и сојузништво преку братски, човечки контакти“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи. Дмитриј Песков, портпарол на Владимир Путин, рече дека е важно да не се мешаат странски земји во Казахстан.

Поводот за протести беше наглото зголемување на цената на течниот нафтен гас (ТНГ), кој многумина го користат за напојување на нивните автомобили, особено во западниот дел на Казахстан. Тие започнаа во текот на викендот во нафтениот град Жанаозен, каде во декември 2011 година полицијата пукаше врз демонстрантите, при што загинаа најмалку 16 луѓе.

Наскоро стана јасно дека гневот не е тесно фокусиран на цените на ТНГ, а владината најава дека цената ќе биде фиксирана на пониско ниво не направи ништо за да го смири протестот.

Наместо тоа, постои пошироко незадоволство од Токаев, претседател од 2019 година, и неговиот 81-годишен мецена, Нурсултан Назарбаев. Поранешниот комунистички шеф од советската ера, Назарбаев, кој стана првиот претседател на Казахстан по независноста во 1991 година и владееше до 2019 година, сè уште има огромна моќ зад сцената. За време на неговото владеење со земјата богата со ресурси, мала елита стана фантастично богата додека многу обични Казахстанци живеат во сиромаштија.

„Назарбаев и неговото семејство ги монополизираа сите сектори, од банкарството до патиштата до гасот. Овие протести се за корупцијата“, рече 55-годишната Зауреш Шекенова, која од неделата протестира во Жанаозен.

„Се започна со поскапувањето на бензинот, но вистинската причина за протестите се лошите услови за живот на луѓето, високите цени, невработеноста, корупцијата“, додаде таа.

Дархан Шарипов, активист од движењето на граѓанското општество „Разбуди се, Казахстан“, рече дека група од околу 70 активисти тргнале да маршираат кон центарот на Алмати во вторникот вечерта, но многу од нив биле приведени и задржани во полициска станица на неколку часови.

„На луѓето им се гади од корупција и непотизам, а властите не ги слушаат луѓето… Ние сакаме претседателот Токаев да спроведе вистински политички реформи или да си замине и да одржи фер избори“, рече тој.

Иако е јасно дека во земјата има широко распространето незадоволство, чистењето на политичкото поле за игра во текот на многу години значи дека нема високи опозициски личности околу кои би можело да се обедини протестното движење. Наместо тоа, протестите изгледаат главно без насока.

„Има некои локални личности, но никој не може да ги обедини силите низ целата земја, иако со текот на времето тие би можеле да се појават“, рече Сатпаев. (Гардијан)