Доналд Трамп откри: Преговорите со Иран би можеле да продолжат во следните два дена
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп откри во телефонски разговор со Њујорк пост дека преговорите со Иран би можеле да продолжат во следните два дена.
Како што пишува овој американски медиум, Трамп прво рекол дека разговорите одат „малку бавно“, но потоа, половина час подоцна, повторно го повикал новинарот и истакнал дека директните преговори наскоро ќе продолжат.
„Навистина треба да останете таму, бидејќи нешто би можело да се случи во следните два дена, а ние сме посклони да одиме во Исламабад“, рече Трамп.
Тој истакна дека престојот во Исламабад, иако биле дискутирани и други локации, бил резултат на позитивниот однос меѓу американскиот претставник и генерал-фелдмаршалот Асим Мунир, со кого Трамп развил однос за време на преговорите за крајот на војната меѓу Пакистан и Индија претходната година.
„Тој е фантастичен и затоа е поголема веројатноста да се вратиме таму. Зошто би оделе во земја која нема никаква врска со тоа?“, додаде американскиот претседател.
Трамп, исто така, го сигнализираше своето незадоволство од извештаите дека САД побарале од Иран да ја суспендира својата програма за збогатување ураниум најмалку две децении за време на неуспешните разговори минатиот викенд.
„Велам дека не можат да имаат нуклеарно оружје, па затоа не ми се допаѓаат тие 20 години“, додаде Доналд Трамп во интервју за Њујорк пост.
Да ве потсетиме дека првата рунда преговори во Исламабад заврши без договор по 21 час разговори меѓу претставници на САД и Иран.