Дојче веле ја обновува програмата на унгарски јазик, Будимпешта гневна


Дојче веле, германска медиумска организација финансирана од државата, ќе ги обнови вестите на унгарски јазик за прв пат во последните неколку децении.

Овој потег следи кратко откако американското Радио Слободна Европа повторно ја воспостави својата унгарска редакција.

„Гледаме стабилно влошување на различноста на медиумите и слободата на печатот во Унгарија“, рече извршниот директор на ДВ, Петер Лимбург.

Со години, владата на премиерот Виктор Орбан ги притиска медиумите со директна контрола, канализирајќи ги трошењата на владата за рекламирање за одредени медиуми а со регулатива ги замолчува критичките гласови. За последните 7 години, земјата падна за 33 места на годишното рангирање на „Репортери без граници“ за слобода на медиумите и сега се наоѓ на 89. место.

Во февруари, му беше одземена лиценцата на Клубрадио, последната радио станица која ја критикуваше владата и таа исчезна од етерот.

Реакцијата на Будимпешта за враќањето на унгарската редакција во Дојче веле беше крајно остра.

„Дојче веле е пристрасно и со години емитува ирационална орбанофобија. Ако ова го наречете ’германски јавен медиум‘, тогаш сме многу загрижени за плурализмот во медиумите во Германија“, напиша владиниот портпарол Золтан Ковач како одговор на прашањето на Ројтерс.

„Да се ​​има дрскост од Берлин да ни донесат нам на ускратените и непросветлени Унгарци ’вистински приказни‘, е уште еден тажен пример за олицетворение на диктатурата на лево-либералните германски медиуми. Ароганцијата го одзема здивот“.

Лимбург не е импресиониран од унгарските критики на одлуката донесена од одборот на Дојче веле, кој е независен од владата на Ангела Меркел.

„Бев изненаден. Да реагираат уште пред да видат што ќе произведуваме. Реагирањето на таков начин не сугерира голема самодоверба“.

ДВ со децении произведуваше содржина за другите земји на ЕУ, вклучувајќи ги Бугарија, Полска и Романија, но програмата за Унгарија престана во 2000 година, 11 години по падот на комунизмот во централна и источна Европа.

Светскиот сервис на Би-Би-Си и Радио Франс Интернешнл исто така ги затворија редакциите во поголемиот дел од регионот по Студената војна.

Понудата на ДВ ќе започне со мала продукција, а емисиите ќе бидат поставени на префрлени на Јутјуб канал на унгарски јазик од крајот на март. Лимбург рече дека му е доделен буџет во опсегот „од шест бројки“.