До кога ќе се продолжува вонредната состојба?


Во пресрет на седницата на Советот за безбедност, на која треба да се расправа за продолжување на вонредната состојба за уште 30 дена, нема никакви сiгнали дека на главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и пречат зголемените ингеренциии на Владата, туку напротив, на некој начин и тие профитираат, па си молчат.

Но, затоа од интелектуалци, невладини организации и од јавноста почнува да се слушаат пораки „доста е“, како и барања процесот на државно одлучување да се врати во нормала, т.е. да се врати и парламентот во игра.

Вчера со вакво барање излезе Институтот за демократија Социетас Цивилис , според чија оценка Собранието мора повторно да се состане за да констатира дали постојат услови за вонредна состојба.

-Оваа одлука мора да ја донесе законодавното тело кое го претставува суверенитетот на граѓаните, порачаа од оваа невладина организација.

Според нив, големите овластувања во вонредната состојба носат и големи ризици, па затоа процесот треба да се врати во нормала.

-Во последниот период, Владата носи уредби со законска сила, кои ограничуваат права на граѓани како мерки против епидемијата. Во такви услови, граѓаните заслужуваат нивните претставници да се вклучат во носењето на одлуките, како контратежа на извршната власт, а со цел обезбедување дека секое ограничување на права е резултат на крајна нужност, но и дека постојат механизми за контрола. Собранието треба навремено да реагира и да спречи можни повреди на човековите права, злоупотреба на службена должност од страна на органите на извршната власт и да обезбедни владеење на правото. Се работи за елементарен принцип на поделба на власта , кој мора да биде испочитуван за да не настане преседан за идни недемократски тенденции, порачуваат од Социетас Цивилис.

Според нив, за разлика од периодот пред прогласувањето на вонредната состојба кога немаше законска можност за тоа, сега Собранието може повторно да се состане бидејќи со одлуката на Уставниот суд бр. 104 од 2016 година е утврдено дека пратениците не можат повторно да заседаваат по одлуката за самораспуштање, освен во услови на воена или вонредна состојба (член 63, став 4).

Дека секогаш има ризик власта да биде злоупотребена , особено во ваква состојба, вчера посочи и Љубомир Фрчкоски.

– Собранието мора да се свика, а владата да внимава со ограничувањето на правата и слободите на граѓаните – порача Фрчкоски. Ваков став деновиве изнесе и Павле Трајанов од Демократскиот сојуз.Според nego, не постојат уставни и законски пречки да се свика парламентот, но политички постојат, поради тоа што голем дел од актуелните пратеници не се на кандидатските листи за пратеници.

-Можеби е тоа мотивот за блокада на парламентот.Инаку нема никаква основа Талат Џафери и натаму да се спротивставува да свика седница на Парламентот и на тој начин да оневозможува Парламентот да биде вклучен во надминување на кризата од пандемијата, стои во реакцијата на Демократскиот сојуз.

Иако не беше фокусирано на Македонија, вакво барање упати и НДИ, Националниот демократски институт од САД. Според нив, времето на криза е опасен политички момент за секоја земја. Граѓаните во такви моменти разбирливо гледаат во нивните влади барајќи да ги заштитат и често се расположени да им дадат исклучителни овластувања .Но, според НДИ на сите континенти властите паѓаат во искушение да ја искористат предноста што им ја дава кризата за да ги магинализираат демократските институции, тврдејќи дека ваков модел на носење одлуки во криза е наејефективен (кога бројките на умрени се незгодни). Според НДИ, не случајно пандемијата се создаде во Кина каде се виде разликата меѓу реакција на затворено и отворено општество. Иако меѓу нашата состојба и Кина не може да се прави споредба, а и справувањето со кризата е над очекувањата тука, настрана од секојдневните политикански критики од опозицијата, пораката е универзална и важи и за нас: ви дадовме вонредна надлежност да се справувате со кризата, екстра моќ, но сега е доста, бидејќи ако трае долго, ќе ја наруши демократијата во земјата.

На ваквите срамежливи барања да се внесе контрола на одлуките на Владата и на вонредната состојба регираше министерот Горан Сугаревски со јавен пост на Фејсбук. Тој го нарече голо политиканство обвинувањето, без да каже од кого, дека Владата ја злоупотребува вонредната состојба.

-Во секое демократско општество дебатата е здрава и служи како коректив за процесите. Арно ама, да зборуваме со факти, а не со претпоставки.Лесно е да се седи на страна, и да се критикува „ради реда”, без да се носи никаква одговорност!
Прво, вонредната состојба не е донесена како една од повеќето опции кои беа на располагање, туку како единствена можна опција заради претходно закажаните избори. Тоа значи дека нашата земја е во состојба на борба со „виша сила”, и токму затоа вонредната состојба е неопходна.

Второ, „техничкиот” карактер на извршната власт ја вклучува и опозицијата со раководен кадар со сериозни овластувања, што по автоматизам значи дека секоја владина одлука поминува низ ситото на различни диоптрии и споделена одговорност.

Трето, Уредбите со законска сила прво поминуваат меѓуресорска координација, па го поминуваат филтерот на Секретаријатот за законодавство, па дури потоа поминуваат на владините седници. А што се однесува до етичкиот агол на вонредната состојба, како министер најодговорно тврдам дека никому од нас не му е ниту лесно, ниту едноставно што како држава сме соочени со вакви тешки предизвици.

Да Ве потсетам дека пред 30 дена бевме принудени за првпат во нашата историја да воведеме вонредна состојба. Претходно такво искуство нашата земја нема! Тешко ни е на сите, без разлика на вера, етникум или политичко уверување, ама стискаме заби и се бориме како знаеме и умееме“, вели Сугаревски, порачувајќи, разбирливо е да се критикува, но дајте малку реалност.

-Ние политичарите не сме роботи, туку сме и нечии деца и нечии родители, луѓе од крв и месо кои имаат чувства и точно знаат каква одговорност носат. Да се напаѓа дека се злоупотребува кризата и отсуството на законодавната власт и дека наводно кај некој постои таква умисла, е претерување без мерка!, порача Сугаревски.

Со оглед дека никој од тие што ќе решаваат денес јавно не се произнесе за враќање на Собранието, па и се тврди дека тоа не е можно, сигурно е дека вонредната состојба ќе биде продолжена за уште 30 дена. (С.Ј.)