Дипломати без сертификати


Во актуелнава ситуација, кога се очекува официјално да биде соопштено кои и колку македонски амбасади ќе бидат затворени, анализата на „Член 1“, Институт за глобални политики и право покажува дека Министерството за надворешни работи нема целосна документација околу именувањето на амбасадорите, нема стратегија за професионализација, а нема ни навика да го оценува нивното работење. Од истражувањето што го спроведе Институтот, се гледа дека, кога биле побарани документите пропишани со закон за именување на амбасадорите, МНР немало ни сертификати за сите дека познаваат барем еден странски јазик. Наедно, немало ни потврди за државјанство на шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва, немало потврди за неосудуваност, како и изјави заверени кај нотар кои потврдуваат дека шефовите на ДКП не се членови на орган на политичка партија на републичко ниво – документи кои се потребни за амбасадорското место.

 

Од 64 анализирани амбасадори, кои биле на различни позиции во периодот од 2015 година до март 2019 година, организацијата добила само 21 сертификат за познавање на англискиот јазик и 16 потврди дека именуваните амбасадори не биле членови на политичка партија. Добиле само една изјава заверена на нотар и една незаверена која го потврдува државјанството на амбасадорот и ниту една потврда за неосудуваност.

 

Истражувачкиот тим наишол и на недоследност во документацијата доставена од Министерството, каде што еден амбасадор во исто време фигурира како политички и како професионално назначен. Постоело и несогласување помеѓу податоците за амбасадорите што биле доставени од кабинетот на претседателот на државата и од МНР. Од Институтот затоа препорачуваат Министерството да ја комплетира документација со која се потврдува исполнувањето на условите за именување амбасадори предвидени во законот.

 

Во последните четири години, исто така, не била направена евалуација, односно не била оценета работата на ниту еден амбасадор, не биле доделени ниту награди ниту казни и не бил вратен ниту еден шеф на ДКП поради незадоволителна работа или причинета штета.

 

Владата немала донесено ниту уредба со која се утврдуваат критериумите за тоа што се незадоволителни резултатите од работењето на амбасадорите и според кои се причинува штета на интересите на државата.

 

„Ние ја побаравме оваа уредба од МНР и добивме одговор дека таа не е донесена. Фактот што МНР не го доставува/поседува овој документ е проблематичен поради немањето на официјални стандарди“, се вели во извештајот.

Предмет на анализа на ова истражување биле 50 амбасади, кои се составен дел од македонската дипломатска мрежа и 64 амбасадори, кои служеле во тие амбасади во периодот од 2015 до март 2019 година, што значи во периодот на двете влади.

Главните наоди од истражувањето се дека од 2015 до 2018 година, во секоја година, процентот на политички назначените амбасадори е повеќе од половина од вкупниот број на пополнетите амбасадорски позиции. Пред првпат да бидат назначени на амбасадорската позиција, професионалните амбасадори во просек поминуваат 16 години и 2 месеци работејќи во Министерството за надворешни работи. Должината на работното искуство кај професионалните амбасадори мажи пред нивното прво назначување за амбасадор е просечно 14 години и 9 месеци, додека пак кај жените е 21 година. Голем дел од истражувањето е фокусирано на партизацијата на дипломатијата наспроти посакуваната професионализација. Според наодите, моментално законот препишува само една третина од вкупниот број на шефови на дипломатските претставништва на Македонија во странство да бидат од МНР, т.е. дипломати од кариера, а две третини остануваат да ги именуваат политичките партии во меѓусебен пазар, поради што често доаѓа до судир на интереси и амбасадите стојат испразнети. Притоа, се забележува дека фали конзистентност во тој сооднос бидејќи бил менуван неколкупати, па така во законот од 2006 година две третини од вкупниот број именувани требало да бидат кариерни дипломати, од 2008 година само една четвртина, потоа беа две третини за сега да паднат професионалците на една третина. Оценувајќи дека професионалните дипломати се поквалитетни од политички именуваните, се споменуваат и туѓи искуства. Генерално, според анализата, во светот постои наклонетост кон професионална а не политичка дипломатија, па така целосно професионални или со лимит до десет отсто политички амбасадори се именувањата во Бразил, Кина, Франција, Германија, Велика Британија, Индија, Русија, Турција, Холандија, Норвешка, Белгија, Данска, Австрија, Естонија и Словачка. Мнозинството амбасадори на САД исто така се кариерни, а тој тренд доминира и во другите земји.

 

Во наредните неколку недели се очекува да се дефинира списокот кои амбасади на земјава во странство ќе бидат затворени, со оглед на тоа дека во моментов имаме вкупно 27 празни дипломатски позиции низ светот.

 

Според анализата изготвена од Министерството за надворешни работи, постои предлог наскоро да бидат затворени најмалку четири амбасади, а како што потврди и претседателот, затворање на амбасадите ќе се случи во држави што немаат резидентен амбасадор во Скопје и со кои нашата земја нема значајна трговска или економска соработка. (Ф.Ф.С.)