Сега Коларевиќ стана цел за „отстрел“ на ВМРО-ДПМНЕ, имала врски со СДСМ


Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение обвинија дека стопирањето на постапката за случајот „Мазут“, поврзан со набавка вредна 167 милиони евра за ТЕЦ Неготино, повторно ги покажало, како што велат, врските на СДСМ и ДУИ со судско-обвинителскиот систем.Од партијата тврдат дека обвинителката Катерина Коларевиќ и шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, имаат блиски врски со СДСМ и ДУИ и побараа одговори за причините поради кои е стопирана истрагата.

Во соопштението се наведува дека родителите на обвинителката Коларевиќ биле избрани на високи функции од влади предводени од СДСМ, што според ВМРО-ДПМНЕ укажува на политичка поврзаност.

Во соопштението партијата обвини дека одлуката за прекин на постапката не е заснована на правни аргументи, туку на политички влијанија и постави прашање дали обвинителката постапувала „по насоки“ од Абази и од, како што наведуваат, „врхушката на СДС и ДУИ“.

„Очекуваме одговори, затоа што јавноста има право и заслужува да ја знае целата вистина, додека Советот на јавни обвинители има обврска да го истражи работењето и постапувањето и на Абази и на Коларевиќ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата во соопштението додаваат дека за враќање на довербата во правосудството е неопходна професионална, дисциплинска и кривична одговорност за обвинителите доколку се утврди противправно постапување.