Димитров: За евентуално решение со Бугарија мора да расправа и Собранието

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров смета дека секое решение до кое би дошле Северна Македонија и Бугарија, а кое би овозможило кревање на бугарското вето за почеток на преговори на земјава со ЕУ, би требало да дојде пред пратениците во Собранието. Со ова се согласија и пратениците од опозицијата и власта кои денеска на седница на собранискиот Национален совет за евроинтеграции расправаа за заклучоците на Советот за општи работи на Европската унија за проширувањето.
-Мое лично уверување е дека ова прашање е прашање на нацијата и државата и ги надминува интересите на една или на друга влада или на една или друга опозиција. Со оглед на тоа што во коалицискиот договор на новата бугарска Влада проминентно место има и Собранието во Софија каде секое евентуално решение ќе оди на дебата, а исто така имајќи ја предвид и резолуцијата донесена во нашето Собрание каде се утврдуваат црвените линии по ова прашање од највисок национален интерес мислам дека има логика и ќе го зголеми легитимитетот доколку и ние чекор по чекор изградиме политичка атмосфера во насока дека какво било решение, што мора да биде европско и достоинствено, ќе дојде на дебата и на некаква валидација во нашиот Парламент, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров.
Соња Мираковска од НСДП се согласува со вицепремиерот Димитров, и додава дека во решавањето на спорот со Бугарија од ЕУ се бара да бидат изричито почитувани човековите права и правото на самоопределување. Права, кои, како што нагласи, нам ОН како и на сите други нации им ги дава. Според неа, само на тој начин може да се реши спорот.
– Тоа е единствениот начин да почнеме по патот кон Европската Унија. Мислам дека можеме, но на тој пат, да ве замолам да бидеме единствени. Се согласувам со она што го кажа Димитров, а и дел од колегите од опозицијата – да, овде во Собранието ќе мора да се расправа за чекорите кои се прават и тука треба да се донесат важните одлуки. Процесот треба да биде потранспарентен, се разбира онолку колку се може и пратениците треба да знаат што се случува, рече Мираковска.