Димитров го пречека холандскиот премиер Руте
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска го пречека премиерот на Холандија, Марк Руте, по повод неговата прва посета на Северна Македонија.
Во соопштението од неговиот кабинет стои дека посетата се одвива во светло на добрите билатерални односи меѓу Холандија и Северна Македонија, но и во контекст на заложбата од холандска страна за безусловен почеток на пристапните преговори со Европската Унија што беше афирмирана и на самитот ЕУ-Западен Балкан одржан во Брдо, Словенија во октомври.
-Како земја што има стриктен пристап кон објективното вреднување на пристапните критериуми особено во однос на владеењето на правото, поддршката на Холандија што се изразува и преку оваа посета е потврда дека со посветеноста на европската реформска агенда, Северна Македонија е целосно подготвена за отворање на преговорите, стои во соопштението.
Пред владата Руте го дочека премиерот Зоран Заев. Дали средбата ќе биде во четири очи или не, не се знае бидејќи е затворена за медиумите и нема да има прес конференција. Подоцна вечерва Руте ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски кој му приредува вечера на која ќе присуствуваат и членови на Владата. Не е предвидена средба на Руте со преставници на опозицијата.