Дигитализацијата не е доволна да се спречат трагедии – треба инспекции, предупредува Институтот за демократија


Фото: Б. Грданоски

Дигитализацијата не е доволна за да се спречат нови трагедии, а системот за контрола на угостителските објекти сè уште има сериозни слабости, предупредува Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје. Во нова анализа се бараат посуштински реформи, построг надзор и поголема одговорност на институциите.

Петнаесет месеци по трагедијата во Кочани, измените на Законот за угостителска дејност не донесоа целосна реформа на системот за безбедност, туку главно се фокусираа на поедноставување и дигитализација на административните процедури, оценува Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје.

Во анализата „Побрзи постапки не значат и побезбедни угостителски објекти: Измените на Законот за угостителство воведуваат дигитализација, но не и суштинска реформа“, Институтот предупредува дека побрзите постапки сами по себе не гарантираат поголема безбедност доколку останат нерешени слабостите во контролата и надзорот.

Според Институтот, новите законски решенија носат одредени подобрувања во административниот дел, но не одговараат на клучното прашање – како да се обезбеди дека угостителските објекти реално ги исполнуваат условите за безбедно работење.

-Дигиталните алатки можат да помогнат во управувањето со процесите, но не можат да го заменат ефективниот инспекциски надзор – е суштината на предупредувањето во анализата.

Еден од главните ризици што ги посочува Институтот е системот на самоевалуација на исполнетоста на техничките услови. Иако процесот ќе биде дигитализиран, според анализата останува прашањето кој и како ќе ја проверува точноста на податоците што ги доставуваат самите угостители. Без дополнителни механизми за проверка, постои опасност формалното исполнување на условите да не значи и вистинска безбедност на објектите. Институтот предупредува и на таканаречениот „надзорен јаз“ – разликата меѓу тоа што е заведено во документацијата и начинот на кој објектите навистина се користат.

Според анализата, потребни се механизми со кои институциите ќе можат да утврдат дали капацитетот, намената и условите во објектите одговараат на реалната состојба на терен.

Како проблем се наведува и системот на санкции. Од Институтот сметаат дека казните треба да бидат поставени така што ќе имаат превентивен ефект и ќе спречат прекршувања, а не само да бидат последица откако ќе биде утврден проблем. Потребна е поголема одговорност кај сите чинители – од сопствениците на објекти до институциите задолжени за контрола.

Измените предвидуваат и нов регистар на лиценци, што според Институтот може да придонесе за поголема транспарентност. Сепак, во анализата се посочува дека само постоењето на регистар не е доволно ако јавноста нема пристап до информации што овозможуваат вистинска отчетност – дали објектите се контролирани, дали имале прекршувања и дали се преземени мерки.

Во документот се предлагаат низа мерки за подобрување на системот како посилен и редовен инспекциски надзор, независна проверка на исполнувањето на техничките услови, јасно утврдена одговорност на институциите и операторите, поефикасен систем на санкции, поголема јавност на податоците за лиценци и контроли и подобра координација меѓу надлежните органи.

Според Институтот за демократија, по трагедијата во Кочани главното прашање не треба да биде само колку брзо се издаваат дозволи и се завршуваат процедури, туку дали системот навистина гарантира безбедност.