Деспотовски го повика членството на СДСМ да му „избере“ тим


Јован Деспотовски, кандидатот за претседател на СДСМ, го повика членството и сите граѓани да достават свои предлози за идните носители на функции во партијата, но и во државата.

„Време е заедно да го креираме новиот тим на СДСМ. Ги поканувам сите членови на СДСМ, но и сите наши сограѓани да достават свои предлози за тоа каков заменик на претседател, генерален секретар и потпретседатели ни се потребни. Какви особини, карактер, биографија треба да имаат. На СДСМ и државата не и требаат готови, туку чесни и успешни кадровски решенија,“ порача Деспотовски.

„Започнуваме со практична реализација на еден од основните столбови на #Концепт28. Лојалност кон луѓето, не кон лидерот“, напиша Деспотовски на неговиот официјален фејсбук профил.

Еден од главните принципи на програмата „Концепт 28“ на Деспотовски е воведување на директен избор на претседатели на општинска организација, кандидати за градоначалници, пратеници и повисоки партиски функции преку непосредно гласање на членовите.