Ден на жалост во Дрниш, Лука ќе биде погребан во матурскиот костум: Убиецот 40 години зад решетки
Денес на пладне ќе се одржат протести во Шибеник, Задар и Дрниш под мотото „19 минути молк за Лука“ по убиството на матурантот Лука Миловац во Дрниш, кој му доставувал пица на убиецот. Граѓаните се незадоволни од постапувањето на ввластите, па еден осуден убиец, пријавуван за напад и за семејно насилство, бил на слобода, што доведе до уште едно убиство.
Имено, во саботата вечер, Кристијан Алексиќ, веќе осуден за убиство, напад и семејно насилство, го застрела 19-годишниот матурант Лука Миловац, а потоа избега. По повеќе од 30 часа, тој беше уапсен во ноќта од недела кон понеделник. Денес ќе биде изведен пред државното обвинителство. Прашањето на кое нема одговор е – дали некој ќе биде повикан на одговорност затоа што повеќекратно осудениот злосторник бил на слобода.

Лука ќе биде погребан денес на гробиштата Дрниш во 17 часот. Пред тоа, ќе се одржи комеморација за него во училиштето во 11:30 часот.
Убиецот беше уапсен по 30 часа бегство
Полициските службеници го уапсија Алексиќ вчера, 18 мај, на стотина метри од неговата куќа, каде и го изврши убиството, во 2:30 часот наутро. Граѓаните беа замолени да останат дома, со заклучени врати, затворени прозорци и спуштени ролетни. Училиштата и градинките не работеа во понеделникот, иако убицот беше уапсен ден пред тоа.

Населението е во шок и неверување. Гневни се на властите што дозволиле таков опасен човек слободно да се шета низ нивниот град.
Алексиќ е под сомнение за сторени кривични дела тешко убиство и недозволено поседување, изработка и стекнување оружје и експлозиви. 50-годишниот осомничен е предаден на надзорник на притворот, а кривична пријава е поднесена до надлежното окружно државно обвинителство.
Максималната казна за кривично дело тешко убиство е 40 години затвор. Тој е обвинет за тешко убиство затоа што го убил младиот човек на предавнички, или поточно суров начин.
Пријател на Лука раскажува што се случило
Злосторството се случи во саботата околу 23 часот на терасата од семејната куќа на Алексиќ. Младиот Лука дошол на неговата адреса за да достави нарачана пица, кога осомничениот испукал неколку куршуми кон него од огнено оружје. Според неофицијални информации, убиениот млад човек ја презел доставата таа вечер наместо колега кој се плашел да оди на адресата на Алексиќ.
Иван Баричевиќ, пријател на убиениот Лука кој бил со него таа вечер, ги опиша застрашувачките моменти. „Како негов долгогодишен пријател, му понудив да одам со него, реков дека ќе одам со него, дека сè ќе биде во ред, дека сум тука со него. Се искачивме по скалите, дојдовме на терасата, Кристијан ја отвори вратата и рече „влези, влези“, а Лука отиде да му ја предаде доставата и Алексиќ пукаше во тој момент“, изјави Баричевиќ за ХРТ. „Кога го видов Лука како паѓа на подот, во тој момент почнав да трчам, скокнав по скалите, влегов во колата, колата се изгаси, ја отворив вратата и го видов Алексиќ како трча кон мене. И јас почнав да трчам тогаш и отидов во пицеријата и веднаш пријавив во полиција што се случи“, додаде тој.

Парламентот одржа минута молчење за убиениот Лука по предлог на Мира Буљ
Хрватскиот парламент денес одржа минута молк во чест на 19-годишен матурант од средно училиште од Дрниш, кој беше убиен додека доставуваше пица.
„Ова е навистина трагичен настан во кој еден млад човек го загуби животот во ужасни околности, а во спомен на нашиот Лука, но и на сите други луѓе кои страдаа на сличен начин, особено младите, и на нашиот полицаец кој неодамна беше убиен на сличен начин, хрватскиот парламент ќе им изрази почит на сите нив“, рече претседателот на хрватскиот парламент, Гордан Јандроковиќ.

Пратениците му оддадоа почит на убиениот млад човек со минута молчење по иницијатива на Мостови Миро Буљ. „Ова е трагедија што ја потресе цела Хрватска и нека ништо вакво никогаш повеќе не се случи“, рече Буљ.
Поранешната претседателка ги повика матурантите да не лудуваат
Поранешната претседатрлка Јадранка Косор ги повика матурантите да ги откажат прославите што ги организираат по повод завршувањето на средното образование.
„Лука се подготвуваше за матурската забава и церемонија. Во знак на сочувство, матурантите треба да ги откажат лудите забави низ целата земја“, напиша Косор на X.
Luka se pripremao za maturalno veselje i svečanost. U znak suosjećanja, maturanti bi u cijeloj zemlji trebali otkazati ludovanja.
— Jadranka Kosor (@_Jadranka_Kosor) May 18, 2026
Граѓаните на Дрниш повикуваат на мирен протест
„Потресени, скршени и огорчени граѓани на Дрниш организираат мирен собир и протест што ќе се одржи утре, среда, 20 мај 2026 година во 19 часот во Полјана.
Ниту една политичка партија или кое било здружение не стои зад собирот.
Зад него стојат луѓе. Граѓани. Родители. Пријатели. Соседи. Град кој тагува.
Собирот е покана до сите кои сакаат да му оддадат последна почит на Лука, млад човек чиј живот беше прерано и насилно завршен, но и до сите кои сакаат да испратат јасна и гласна порака дека општеството повеќе не смее да затвора очи пред опасноста“, се наведува во поканата.
Убиецот имал богато злосторничко досие
Алексиќ од претходно им е познат на полицијата и судството. Полицијата му конфискувала импровизирано рачно изработено огнено оружје и муниција пред три години. Во тој случај, иако обвинение било поднесено во 2023 година, судење никогаш не се одржало.
Алексиќ е човек кој убил 22-годишно девојка со 17 убодни рани во мај 1994 година. Во 2020 година, бил осуден и за семејно насилство.
Министерот за внатрешни работи потврди дека против Алексиќ има уште една кривична пријава за насилно кривично дело додека ја издржувал казната за првото убиство.
Каде затаи системот?
Државниот секретар во Министерството за правда Иван Црнчец, началникот на Општата служба за криминал при Полициската управа Ивица Кропек, адвокатот Мирко Миличевиќ и невропсихијатарот Иван Урлиќ беа гости во емисијата на хрватското радио. Тие разговараа за тоа дали системот потфрлил во случајот со убиството на матурантот во Дрниш.
Црнчец рече дека штом министерот слушнал за злосторството, испратил судски инспектори на терен и им наредил да спроведат вонреден увид во Општинскиот суд во Шибеник и Општинската канцеларија на државниот обвинител во Шибеник.
„Резултатите од овој увид може да се очекуваат до крајот на оваа недела, а потоа министерот ќе преземе мерки во согласност со своите овластувања или ќе побара спроведување дисциплински постапки против одговорните“, најави Црнчец.
Тој нагласи дека станува збор за едноставна постапка, имено за кривично дело нелегално поседување, производство и стекнување експлозивни супстанции и оружје. Истакна дека на Кристијан Алексиќ му е запленет импровизиран пиштол и дека е побарана безусловна затворска казна. Убеден е дека на рочиште можело да се донесе одлука Алексиќ да биде ставен зад решетки, но рочиште не е одржано. Тој објасни дека судската инспекција се занимава со ненавремено, или во овој случај, со непостапување во одреден рок.
Најави дека ќе има одредени последици. „Важно е да се каже дека нашето судство е независно и дека државното обвинителство е автономно, што значи преземање одговорност за донесување или недонесување одредени одлуки“, рече тој.
Смета дека е неверојатно е што не е побарано решение за притвор. „Правната политика е многу строга, но судската политика е многу блага и се изрекуваат ниски казни“, рече Црнчец.
Попладнево е погребот на матурантот
Градоначалникот на Дрниш, Томислав Џелалија, изјави дека граѓаните поминале две непроспиени ноќи, додека во вторник ќе биде прогласен Ден на жалост и ќе се одржи погребот на починатиот млад човек.
„Непријатно е чувството затоа што се случило убиство во градот, бидејќи Дрниш е мирен град каде што никогаш не се случиле вакви темни сценарија“, рече Џелалија, додавајќи дека е особено шокантно што е убиен млад човек кој штотуку требало да го започне својот живот.
Лука требаше да танцува и да се забавува на неговата матурска забава следниот петок. Купил и костум, а неговата мајка одлучи да биде погребан токму во тој костум, објави RTL.