Дел од Бразил е отсечен од остатокот од светот – поплавите го прекинаа снабдувањето со струја


Бројот на жртвите во големите поплави на југот на Бразил достигна сто, соопшти локалната агенција за цивилна одбрана. Службите за итни случаи, исто така, продолжуваат да трагаат по десетици илјади луѓе кои се исчезнати.

Речиси 400 општини се погодени од екстремни поплави поради обилните дождови кои ја поплавија бразилската држава Рио Гранде до Сул.

Поплавите принудија повеќе од 160.000 да ги напуштат своите домови, а голем дел од југот и понатаму е изложен на висок ризик од дополнителни поплави.

Метеоролошките служби најавија нови врнежи во наредните денови, но без разлика што не се очекуваат значителни нови врнежи од дожд, водостојот сепак ќе остане висок.
Многу жители немаат пристап до вода за пиење, телефон или интернет услуги, а голем дел од населението е отсечено од остатокот од светот поради прекини на електрична енергија.


Гувернерот на државата Едуардо Леите предупреди дека бројот на жртвите најверојатно ќе се зголеми, а во Порто Алегре сѐ уште на сила е вонредната состојба, која ќе продолжи и во наредните денови.

Само две од шест пречистителни станици во Порто Алегре – дом на околу 1,4 милиони луѓе – работеа, соопшти канцеларијата на градоначалникот во вторникот, а болниците и засолништата се снабдуваат со цистерни.

И претседателот Луис Инасио Лула да Силва вети помош за погодените подрачја, но нагласи дека се уште не е можно да се утврдат точните димензии на поплавите, додавајќи дека тоа ќе биде можно само кога ќе се нормализира нивото на водата.