Дали одлуката на Уставен суд ќе се однесува и на Еуростандард банка


Mирче Jовановски

Штедачите и депонентите на Еуростандард банка извојуваа значајна победа влијаејќи Уставниот суд да ја промени еднаш веќе донесената одлука и во повторената иницијатива да го укине приматот на Фондот за осигурување депозити што го при наплата на побарувањата во стечајна постапка на некоја банка. Станува збор за член 163 став 3 од Законот за банки според кој „побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители“.

Она што сега се поставува како дилема е како одлуката на Уставниот суд ќе се одрази врз позицијата и капацитетот на Фондот за осигурување на депозити во исплатата на законските обврки кон штедачите, но и дали оваа одредба ќе се однесува и на постојниот стечај на Еуростандард банка, односно дали ќе важи за побарувањата кои ги имаат правните лица и дел од штедачите, или тоа ќе се однесува за идни настани.

Во очекување на објавување на образложението на одлуката на Уставниот суд, мислењата во однос на ова прашање се поделени. Според дел од правниците, но и економистите, одлуката не може да се применува ретроактивно за настан што се случил во минатото, како што е одземањето на дозволата и почнување на стечајот на Еуростандард банка. За правниот застапник на оштетените штедачи во Еуростандард банка, пак, адвокатот Љупчо Кузмановски, нема дилема дека во текот на стечајната постапка редовните судови треба да го земат во предвид и укинувањето на одредбата и да постапуваат според новонастанатата ситуација, односно без членот на Законот за банки и да ги применуваат одредбите од Законот за стечај. 

Дополнително, целата работа може да добие и нов расплет или заплет, бидејќи вчера Владата му наложи на Министерството за финансии во рок од 15 дена да понуди законско решение кое ќе го пополни правниот вакуум и кое ќе го има во предвид јавниот интерес. 

Од Народната банка вчера соопштија дека донесената одлука на Уставниот суд не треба да се контекстуализира со состојбата и стабилноста на банкарскиот систем. Состојбите во банкарскиот систем се ценат преку клучните параметри за неговото работење, а тие и на крајот на првиот квартал од оваа година остануваат поволни, соопшттија од Народната банка.

Со ова се согласуваат и економистите, според кои банкарскиот сектор е стабилен. 

„Колку што разбрав, не се однесува на Еуростандард банка, бидејќи одредбата е укината, а постапката во Еуростандард банка е почната според досегашниот закон” , вели за Независен поранешен функционер во повеќе владини состави кому му е блиска монетарната проблематика. Запрашан дали одлуката на Уставен суд може да влијае врз стабилноста на банкарскиот систем, тој вели дека не очекува такво нешто. 

“Во догледна иднина не очекувам некоја друга банка да отиде во стечај, така да нема некои поголеми последици барем на краток рок. Инаку, можно е да се зголеми придонесот со кој банките партиципираат во фондот. Тоа пак, ќе значи поголеми трошоци за банките и можно поголеми камати за кредитите или помали за депозитите“, вели тој не криејќи дека бил изненаден од одлуката на судот со оглед што во февруари веќе се произнел по слична иницијатива и не покренал постапка. 

Според правниците што ги консултираше Независен, најдобро е да се почека објавување на одлуката на Уставен суд и да се види дали во неа има одредени насоки. 

“Укинувањето значи дека правното дејство на одредбата што го уредува членот престанува да важи од овој момент, па во иднина. Ако дејствијата кои се однесуваат на оние на кои што се однесува нормата биле во минатото, значи правното дејство на тоа прашање не е изменето” вели експерт по уставно право.

Сепак, според нашиот соговорник, законодавецот има “отворена врата”, доколку сака, прашањето да го уреди на поинаков начин, но тоа конечно, ќе зависи и од образложението во одлуката. 

“Некогаш судот дава и одредени насоки на кој начин треба законодавецот во иднина да се ориентира при уредувањето на оваа одредба. Значи може да се случи законодавецот да каже дека одредени случаи што се уредени до одреден датум по овој член да потпаднат под новиот режим, бидејќи според Уставот за граѓаните важи поповолната одредба”, вели соговорникот, и додава дека доколку остане само на соопштението тоа значи дека одредбата треба да важи за идните правни ситуации, а не и за Еуростандард банка која се случила во минатото.

Во секој случај, појасно ќе биде по објавување на одлуката, вели соговорникот. Ако самиот текст на одлуката не кажува ништо конкретно, тогаш тоа е отворена врата за бројни варијанти што би направил законодавецот сега и во иднина. Како што додава, одлуката ќе биде интереса и од друг аспект – да се види какво е образложението за премислувањето на еден од уставните судии, за што, како што нагласува, се потребни “дебели” аргументи. 

Од друга страна, правниот застапник на оштетните штедачи во Еуростандард банка, адвокатот Љупчо Кузмановски е категоричен дека одредбата на Уставниот суд се однесува на постапка на стечај на банка, што значи дека ќе се применува и во случајот на стечајот на Еуростандард банка. Тој во гостувањето на Утрински брифинг на Слободна ТВ, рече дека оваа одредба ќе има влијание во понатамошниот тек на стечајната постапка на банката. 

“Би сакал да информирам дека оштетените од Еуростандард банка во текот на стечајната постапка ќе бидат соочени со одлуката на Уставниот суд, односно органите кои ја водат стечајната постапка ќе мора да ја применат одлуката на Уставниот суд бидејќи таа е конечна и извршна од моментот кога ќе се објави во Службен весник и мора сите да ја почитуваат“, вели Кузмановски. Тој додаде дека не станува збор за ретроактивно дејство на одлуката на Уставен суд, туку дека ќе мора да се почитува во понатамошниот тек на стечајната постапка во Еуростандард банка. 

“Тоа практично значи дека кога ќе влезе одлуката во сила, органите што ја водат стечајната постапка, односно стечајниот судија, стечајниот управник, одборот на доверители и собранието, ќе мора да направат внатрешна имплементација на одлуката на Уставниот суд, а работа на судските органи е како ќе ја имплементираат”, изјави Кузмановски за Утрински брифинг.