Дали Германија ја губи водечката улога во ЕУ?

Од почетокот на војната во Украина, Германија има сериозен проблем со кредибилитетот бидејќи се смета за близок партнер на Москва. Тоа би можело да го промени односот на силите во Европската унија


Емануел макрон и Олаф Шолц пред Бранденбуршката порта со боите на украинското знаме (Фото: ДПА)

 

Пред една година, кога се ближеше крајот на мандатот на Ангела Меркел, таа беше фалена ширум светот како најважна политичка фигура во Европската унија и една од најважните на Западот.

Сепак, достигнувањата на нејзиното шеснаесетгодишно владеење вклучуваат спречување на Украина да се приклучи на НАТО, како и изградба на „Северен тек 2“ од Русија во Германија, иако во време на давањето на градежната дозвола Русија веќе го анектираше Крим. Но, тоа речиси никој не го интересираше во времето кога германската канцеларка се збогуваше со политиката.

Поинаков свет

На првиот ден од рускиот напад врз Украина, германската министерка за надворешни работи Анелена Бербок рече: „Се разбудивме во поинаков свет“.

Руската инвазија на Украина не само што го уништи европскиот поредок по Втората светска војна, туку ја промени и оценката за германската политика кон Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на почетокот на април, кога се појавија сликите од труповите по улиците на Буча, ја покани Ангела Меркел да дојде и да види „до што доведе политиката на отстапки кон Русија во последните 14 години“.

Украинскиот писател Андреј Курков за ДВ изјави дека доживува „многу антигермански емоции“ во Украина. „Сосема отворено Ангела Меркел се нарекува себеси виновник“, рече тој. Слични обвинувања доаѓаат и од Полска и од балтичките земји.

Тие не се однесуваат само на Ангела Меркел, туку на цела германска генерација политичари кои се потпираа на „пресврт преку трговија“ (Wandel durch Handel), теоријата дека историскиот непријателство со Русија може да се намали ако се тргува.

Поранешниот германски министер за надворешни работи и актуелен претседател Франк-Валтер Штајнмаер призна „погрешни проценки“ кои Германија ја чинеа многу кредибилитет.

Најсрамна е улогата на поранешниот канцелар и лидер на социјалдемократите Герхард Шредер. Тој не сака да се дистанцира од Путин и сè уште работи за руските енергетски концерни.

На почетокот на војната во Украина, канцеларот Олаф Шолц прогласи „промена на епохите“ во Бундестагот и на тој начин нагласи дека германската влада извлекла лекција.

Од друга страна, тој предупреди дека е можна Трета светска војна и се двоуми во испораката на оружје за Украина и воведувањето обемни мерки за бојкот на руската енергија. Затоа не му веруваа сите дека навистина се работи за „промена на епохите“.

Премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки, му приговори дека блокира дополнителни, построги санкции на Европската унија против Русија.

Има и други знаци за губење на угледот на Германија. На почетокот на април, во главниот град на Литванија, Вилнус, луѓето демонстрираа пред германската амбасада бидејќи Берлин не воведува целосно ембарго на рускиот гас и нафта. Во балтичките земји, на добрите односи меѓу Германија и Русија отсекогаш се гледало со посебна недоверба, бидејќи тие земји се гледаат како следни жртви на Владимир Путин.

Неделава чешкиот весник „Лидове новини“ објави дека Шолц остава „одбранбен“ впечаток и дека неговиот одговор на барањата за испорака на оружје во Украина е „да, но…“. Според авторот, Шолц има лоша комуникација и променливо мислење.

Источноевропскиот експерт Фолкер Вајксел смета дека воздржаноста на Шолц дури не ѝ помогнала ни на Москва: „Погрешна е претпоставката дека таканаречената трезвеност има позитивни ефекти врз имиџот на Германија во Русија. Напротив, пропагандата на Москва порано ја претставуваше Германија на прекумерен начин како пријател, а сега исто така прекумерно како непријател“.

Недоверба кон Берлин

Хенинг Хоф од германското здружение за надворешна политика гледа „недоверба“ во балтичките земји и Полска. „На крајот, Берлин сакаше да прави бизнис со Москва без да ги слуша другите“, рече тој. Ова во тие земји буди асоцијации на пактот меѓу Хитлер и Сталин од 1939 година, со кој овие диктатори ја делеа Европа меѓу себе.

Париз 2019: Макрон Меркел, Путин и Зеленски (Фото: Тасс)

Вајксел смета дека двоумењето во воведувањето ембарга и испорака на оружје, како и во желбата на Украина да се приклучи на ЕУ, не е добро прифатено од другите Европејци: „Од Германија се очекува да игра водечка улога во ЕУ. Но, без оглед на политичките прашања што ги гледате кон Русија или Украина, германската влада започна многу доцна и под притисок“.

Украинскиот амбасадор во Германија Андриј Мелник изрази сомнеж дека „канцеларот не сака да го испорача“ ветеното оружје. Тој додаде: „Може да се добие впечаток дека чекаат примирје. Тогаш нема повеќе притисок врз Германија, па веќе не се потребни храбри одлуки“.

Падот на угледот на Германија може да се види во сосема друга област. На овогодинешниот избор за песна на Евровизија беше веројатно најмногу со политика досега. Публиката ширум Европа ѝ даде најмногу поени на Украина, а најмалку на Германија.

Влијанието на Париз не расте

Ако германското влијание се намали, тогаш влијанието на другите земји би можело да порасне. Во вторникот (17 мај) украинскиот претседател телефонски разговараше и со германскиот канцелар Олаф Шолц и со францускиот претседател Емануел Макрон.

Зеленски го опиша разговорот со Шолц по малку неволно како „навистина продуктивен“, а разговорот со Макрон како „суштински и долг“. Темата беше желбата на Украина што поскоро да влезе во ЕУ.

И покрај тоа, Хенинг Хоф не мисли дека Макрон ќе стане нов лидер на ЕУ. „И недовербата кон Франција е голема“, вели тој, потсетувајќи дека од 2019 година францускиот претседател се обидува да воспостави стратешки дијалог со Путин, без договор со источноевропските членки на ЕУ.

Хоф вели дека европската политика кон Русија не може да се остави само на Франција или Германија. „Централна и источна Европа, балтичките земји и Полска мора јасно да се слушнат“.

Вајксел смета дека Германија мора да направи три работи: „Со сите сили да го поддржи барањето на Украина за кандидатски статус во ЕУ и доследна поддршка за одбраната на Украина“.

Третата работа ја нарекува херкулова задача – тоа е успешен енергетски пресврт. „Загубата на угледот од претходните недели брзо ќе биде заборавена доколку Германија покаже дека има модел за иднината“.

Алудирајќи на политиката на западногерманскиот канцелар Вили Брант од 1970-тите, Хоф вели дека на Германија ѝ треба некаква нова источна политика. Според него, таа политика треба да биде насочена пред сѐ кон блиските соседи, партнерите во ЕУ и НАТО, а само во вториот чекор кон постпутинска Русија, за која Хоф вели дека се надева дека ќе дојде наскоро. „Довербата може да се врати само преку вистинска европеизација на политиката на Русија“, рече тој.

Фолкер Вајксел смета дека дополнително е потребно ново разбирање на политиката: „Во 1970-те години германското општество веруваше дека војната може да исчезне од светот ако никогаш повеќе не е агресорот. Идејата дека некој друг може да биде агресорот и дека на жртвата мора конкретно да ѝ се помогне со оружје, без да се извини за некои дела од минатото – тоа беше незамисливо за добар дел од германското општество. Промената на начинот на размислување само што започна“. (Дојче веле)