Дали Газа може да стане за Израел она што беше Фалуџа за Американците?

САД испратија генерали да ја советуваат израелската армија. Тие не препорачуваат целосна инвазија, туку прецизни воздушни напади и специјални операции


 

Американските воени функционери се обидуваат да го одвратат Израел од типот на брутална, урбана борба што ја водеа САД против бунтовниците за време на војната во Ирак, во обид да ги спречат Израелците да се заглават во крвави борби од куќа до куќа додека тие се подготвуваат за напад врз Газа, изјавија за Си-Ен-Ен повеќе извори запознаени со ова прашање.

Во помагањето на израелските одбранбени сили да развијат голем број различни стратегии за да го поразат Хамас, американските воени советници на теренот во Израел се повикуваат на лекциите научени конкретно од Фалуџа во 2004 година, една од најкрвавите битки во војната во Ирак.

Наместо да започнат целосен копнен напад врз Газа, кој може да ги загрози заложниците, цивилите и дополнително да ги разгори тензиите во регионот, американските воени советници ги повикуваат Израелците да користат комбинација од прецизни воздушни напади и насочени напади со специјални операции.

Тие, исто така, се потпираат на стратегиите развиени за време на битката на коалициските сили предводени од САД за повторно преземање на ирачкиот град Мосул од ИСИС, кои повеќе се потпираа на силите за специјални операции. Како Хамас, ИСИС изгради тунели низ Мосул и ги користеше цивилите како жив штит, а борбата за повторно заземање на градот беше потешка од очекуваното.

За да помогне да се пренесе оваа порака, администрацијата на Бајден испрати генерал на Маринскиот корпус со три ѕвезди за да ги советува Израелските однбранбени сили (ИДФ) за планирање на нивниот тактички напад. Генералот Џејмс Глин, поранешен командир на Командата за специјални операции на поморските сили, има значително искуство со урбани војни во Ирак, особено во Фалуџа, каде командуваше со војниците за време на некои од најкрвавите борби таму меѓу американските сили и бунтовниците, изјавија официјални лица.

Од терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври, САД станаа сè позагрижени дека стратегијата на Израел да се префрли во Газа со голем број копнени трупи е само половина испечена и може да доведе до крвава и неодредена окупација од страна на израелските сили во Појасот Газа, изјавија официјални лица.

САД, исто така, го повикаа Израел да размисли како целосната копнена инвазија би можела да ги загрози повеќе од 200 заложници кои сè уште ги држи Хамас во Газа, цивилите кои немаат излез, и што доаѓа по инвазијата во однос на управувањето со двата милиони Палестинци во појасот Газа.

„Не мислам дека Израел има стратегија за тоа што ќе го направи следно“ во однос на извршување на целосна копнена инвазија, рече еден извор запознаен со загриженоста во администрацијата на Бајден.

„Користи ја главата, а не срцето

Целите и стратегијата на Израел беа централна точка на дискусија меѓу американските и европските претставници во текот на изминатата недела, велат луѓе запознаени со ова прашање, додека сојузниците работат на координирање на пристапот кон Израел.

Претседателот Џо Бајден во неделата разговараше со лидерите на Франција, Германија, Италија, Канада и Обединетото Кралство за кризата, надевајќи се дека ќе се усогласи за клучното прашање за поддршка на Израел, а истовремено ќе добие јасност за патот напред.

Директорот на ЦИА, Бил Барнс, постојано има телефонски разговори со партнери и сојузници во регионот, вклучително и израелската разузнавачка служба Мосад, арапските партнери на САД и нивните сојузници во НАТО, во обид да спречи конфликтот да прерасне во регионален пожар и да работи на обезбедување безбедно ослободување на заложниците кои сè уште ги држи Хамас.

Израелски војници во близината со границата на Газа

Бајден го охрабри израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во нивните неодамнешни разговори да размисли како ќе се одвива таквата инвазија и каква ќе биде стратегијата за излез, рекоа официјални лица. Бајден и Нетанјаху разговараа во неделата и повторно во понеделникот, и во тие разговори, претседателот се обиде да „го натера [Нетанјаху] да ја користи главата, а не срцето“, рече еден извор.

Сепак, чувството кај поголемиот дел од американската влада е дека Израел е речиси сигурно оти ќе продолжи со целосна копнена инвазија, во голем дел затоа што домашното расположение внатре во Израел е толку разгорено што Нетанјаху можеби чувствува дека нема друг избор.

Воени до воени канали

Во 2014 година, Нетанјаху тргна да го ослабне Хамас со последната копнена инвазија во Газа. Иако таа војна му зададе значаен удар на Хамас, таа беше огромен предизвик и не успеа да ја отстрани милитантната организација од крајбрежната енклава. И покрај бројните рунди на ескалација и конфликт со Газа, Израел оттогаш не се обиде да изврши друг упад.

Висок израелски функционер рече дека САД не им кажуваат на Израелците да се деескалираат или да се воздржат од преминување на какви било „црвени линии“.

„Тие велат додека ја водите војната – обрнете внимание на сите овие димензии“, рече претставникот. „САД имаат свое искуство за војување во урбаните области, Фалуџа, во Мосул и така натаму… И секогаш е добро да се споделуваат искуства меѓу пријателите“.

Секретарот за одбрана Лојд Остин секојдневно разговара со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за воените потреби и стратегија на Израел, рече еден официјален претставник, а една честа точка на дискусија е како широката мрежа на тунели што Хамас ја изгради во Газа ќе ја искомплицира копнената инвазија.

„Пораката е, дали навистина сте размислувале за ова?“, изјави западен дипломат. „Доаѓајќи од пријатели кои во последниве години се вплеткаа во контрабунтовнички сценарија на непријателска територија, можеме да кажеме дека ви треба план за излез и брзо станува грдо“.

Галант во вторникот изјави пред елитната единица командоси на израелската армија дека Израел мора да го уништи Хамас и предупреди дека војната се уште е во рана фаза.

„Подгответе се за задачите што доаѓаат, војната само што почнува. И за жал, ќе мора да платиме цена“, рече Галант. „Подгответе се добро, бидете подготвени – физички и психички, со опрема и средства. Ќе излеземе на терен и ќе го уништиме Хамас. Буквално. Во спротивно, не би можеле да постоиме овде“, додаде тој.

Западен извор изјави за Си-Ен-Ен дека Израел е претпазлив во планирањето на копнениот упад, бидејќи сфаќа дека ако погреши, ќе ја изгуби моралната височина. Тие признаа дека „битката за морална височина“ е веќе тешка за Израел, укажувајќи на брзата осуда упатена кон израелската влада поради експлозијата во болницата, за која Израел рече дека дошла од Палестинскиот исламски џихад.

Во вторникот, францускиот претседател Емануел Макрон го посети Израел и понуди поддршка за Нетанјаху, но предупреди: „Оваа борба мора да биде без милост, но не и без правила“.

Макрон, исто така, предложи формирање меѓународна коалиција за да се спротивстави на Хамас, слична на коалицијата предводена од САД наменета за поразување на ИСИС, формирана за време на администрацијата на Обама.

Но, западен функционер запознаен со ова прашање рече дека формирањето каква било меѓународна коалиција ќе зависи, во голем дел, од добивање поголема јасност од Израел за целите на неговата копнена инвазија.

Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, изјави за Си-Ен-Ен минатата недела дека Израел „нема интерес“ да ја окупира Газа, иако израелските власти предупредија дека операцијата таму ќе биде долга.

„Нашиот совет до нив не е ‘Не правете го тоа’“, бидејќи ние целосно го почитуваме нивното право да тргнеме по Хамас и тоа значи да тргнеме по нив каде и да се“, изјави претходно министер за одбрана на НАТО за Си-Ен-Ен. „Значи, не е ‘Не правете го тоа’, туку ‘Размислете што се случува и имајте стратегија, а не само тактички маневар’. Очекуваме Израел да дејствува во рамките на меѓународното хуманитарно право, но разбираме дека тие се занимаваат со непријател овде“. (Си-Ен-Ен)