Црната магија во бугарската политика


Според она што се случува во Бугарија многумина би заклучиле дека земјата е осудена на пропаст и дека ѝ е потребен куршум. Водечките психијатри прво би советувале да се почне со егзорцизам. Но во модерните времиња се применуваат алгоритми од рационални правила кои не бараат од вас да носите мртва мачка на гробишта на полна месечина, пишува за Дојче веле Даниел Смилов, професор по политика на Софискиот универзитет и програмски директор на Центарот за либерални стратегии. Во својот текст Смилов ги објаснува ќор-сокаците на бугарската политика, како и лутањето по маѓепсаниот круг на политичарите за излез од „пропаста“.

Еве го текстот на Даниел Смилов:  

„Замислете дека несреќната црна магија виси над политичката Бугарија. Како би изгледале работите тогаш? Најверојатно на следниов начин:

– Бугарија е прва по корупција во ЕУ (и не само), но во бугарскиот парламент Борисов и неговиот близок круг, кои ја водеа земјата во последните десет години и кои се главните субјекти во многу скандали, продолжуваат да се борат. Скандалите се од таков карактер што Себастијан Курц би поцрвенел и би поднел оставка само при  размислување за нив.

– Бугарија е единствената членка на ЕУ против која законот ‘Магнитски’ е широко применуван, но лицата директно санкционирани во него се застапени во бугарскиот парламент и се жалат дека има ‘црвени линии’ против нив. Тие инсистираат да бидат (повторно) вклучени во управувањето.

– Главниот обвинител продолжува да биде на функција и не дозволува да падне влакно од главите на горенаведените лица и политичари.

– Новите партии што доаѓаат со барањето за ‘промена’ во два последователни парламенти не можат да формираат влада и да се договорат за најразбирливата работа во парламентаризмот – коалицијата. Една од овие партии сака да владее сама со 65 пратеници (од 200 – н.з.) и ги отфрла сите други опции.

– Како резултат на ова заблудно однесување, дотичната партија драматично ја губи поддршката и на нејзино место се појавува нова. Од целото ова движење и прераспределба на гласовите, вкупниот резултат на ‘партиите на промената’ не расте, туку дури и опаѓа.

– Социјалистичката партија во земјата е всушност конзервативно-патриотска и нејзиниот лидер му се восхитува на Виктор Орбан. Овој лидер останува на функцијата, без разлика колку избори и гласови ќе загуби. Ниту неговата политика се промени.

– Претседателските кандидати тврдат дека ќе ја обединат нацијата со тоа што ќе престанат да зборуваат за проблемите – особено за оние споменати погоре.

– Компаниите кои добија милијарди однапред и без конкурс за изградба на автопати, излегуваат на моторизирани протести за повеќе пари.

– Синдикатите сакаат да ги зачуваат електраните на јаглен до 2050 година, кога таквата технологија најверојатно ќе биде достапна само во музеите.

– Бугарија речиси две децении не се квалификуваше за голем фудбалски турнир, но шефот на бугарскиот фудбал е реизбран со веројатна махинација при гласањето.

– Бугарија е последна во однос на вакцинациите во Европа (и не само). Други земји ги отстрануваат маските и ги укинуваат рестриктивните мерки, додека Бугарија се соочува со нов смртоносен бран на вирусот.

Во едно такво хипотетичко сценарио, многумина би заклучиле дека земјата е осудена на пропаст и дека ѝ е потребен куршум. Водечките психијатри прво би советувале да се почне со егзорцизам.

Во модерните времиња, до тоа може да се стигне преку повеќе бирократско-технолошки мерки – алгоритми од рационални правила кои не бараат од вас да носите мртва мачка на гробишта на полна месечина. Еве неколку правила:

– Кога управувањето на политичка формација ја закотви земјата на последното место во ЕУ во однос на корупцијата и сиромаштијата, оваа формација мора да го смени нејзиното раководство и гласачите да ја испратат во опозиција или надвор од парламентот.

– Кога дури во САД сфатија дека во земјата има недопирливи, ова е повод за целосен ремонт на судството (особено обвинителството) и службите. Вклучувајќи персонални промени, како што е замена на јавниот обвинител.

– Недопирливите не треба да бидат вклучени во партиските листи за да влезат (повторно) во парламентот.

– Новите партии не треба да влегуваат во игра едни со други со збир нула, туку да гледаат како да го зголемат нивниот вкупен резултат.

– Основите и формулата на новата владина коалиција мора да бидат јасни пред изборите.

– Социјалистичката партија мора да биде од европски, а не од евроазиски тип.

– Претседателските кандидати мора да ја обединат нацијата околу вистинските решенија за проблемите, а не околу фризирани зборови за национална согласност преку заборав и самохипноза.

– Државните пари не треба однапред да се распределуваат на компании без конкурс, а одговорноста треба да ја сносат вработените што ги делеле.

– Коњските трамваи не смеат да се конзервираат. Истото важи и за електрани на јаглен до 2050 година. Бугарската економија треба да гледа напред и да се прилагоди на неизбежното, наместо да стане резерват на застареност. Покрај тоа, Бугарија ќе има ресурс за општествено одговорна транзиција кон новото, обезбедено од ЕУ.

– Кога нема успеси, се менува лидерството во фудбалот.

– Луѓето треба да се вакцинираат. Секој има право сам да одлучи дали ќе се вакцинира, но никој нема право да влезе во затворен јавен простор со многу други без да се вакцинира или да прележал корона. Бидејќи никој нема право да ги инфицира другите со смртоносна болест. Сега можете да влезете во Виенската опера без маски, но секој покажува сертификат за вакцинација или прележана болест – едноставно, ефикасно и без ограничување на ничии права.

Наместо овие мерки, се разбира, можеме да нарачаме света вода, темјан и егзотични методи од вуду или прирачникот на Агрипа Нетесхајмски (средновековен белгиски волшебник и алхемичар – н.з.). Но, ниту едното ниту другото не е потребно, и најверојатно нема да функционира. Иако којзнае. На пример, се вели дека потковиците им донеле среќа на оние што не веруваат“.