Цицикостас: Европските тунели се премали за тенковите на НАТО

Автопатиштата и железничката мрежа на Европската унија не се во состојба да обезбедат брзо и ефикасно преместување на војска и воена техника во случај на евентуален конфликт со Русија, предупреди европскиот комесар за транспорт и туризам, Апостолос Цицикостас, во интервју за „Фајненшл Тајмс“.
Цицикостас најави дека Европската унија ќе инвестира најмалку 17 милијарди евра во модернизација и приспособување на инфраструктурата за да се зголеми воената мобилност. Според него, тенковите на НАТО, кои можат да тежат и до 70 тони, во сегашни услови не би можеле да поминат низ одредени тунели, а на некои мостови би предизвикале уривање.
– Имаме стари мостови кои треба да се обноват, тесни кои треба да се прошират, а има и места каде што мостови воопшто не постојат – па мораме да ги изградиме од почеток, истакна Цицикостас.
Тој нагласи дека во сегашни услови преместувањето на единиците од запад кон исток на Европа е бавно и неефикасно – понекогаш трае со недели, па дури и со месеци. Тоа, како што рече, претставува сериозна ранливост во случај на евентуална криза на источните граници.
Со таа цел, во Брисел се работи на изработка на нова стратегија која би овозможила преместување на трупите во рок од неколку часа до најмногу неколку дена. Планирана е модернизација на 500 инфраструктурни проекти, вклучувајќи патишта, мостови и железнички линии, долж четири главни воени коридори низ ЕУ. Имињата и локациите на тие проекти, договорени во соработка со НАТО, се чуваат во тајност од безбедносни причини.
Да потсетиме, во јуни генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја означи Русија како „главна закана за Алијансата“, тврдејќи дека Москва би можела да изврши напад до 2030 година.
Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин во интервју со американскиот новинар Такер Карлсон порача дека Русија нема намера да напаѓа земји на НАТО, оценувајќи ги таквите обвинувања како дел од западната пропаганда.