Черепналкоски: Универзалниот снабдувач не може да ги гарантира цените на струјата подолго од 12 месеци


Единствен начин цените за домаќинствата да не пораснат, или барем да не пораснат нагло, е акционерот на ЕСМ, кој е доминантен обезбедувач на енергијата што универзалниот снабдувач ја препродава до своите потрошувачи, да му даде налог на ЕСМ да понуди енергија под пазарната цена: Златко Черепналкоски

И домаќинствата можат да се снабдуваат од комерцијални снабдувачи по нивен избор, но тоа не се случува се уште, затоа што регулираната цена на струјата е се уште пониска од пазарната, вели Златко Черепналкоски, извршен директор за продажба и маркетинг во Енерџи деливери солушнс

Универзалниот снабдувач не може да ги гарантира цените на струјата во рок подолг од 12 месеци, тоа не е негова обврска ниту му е во интерес, вели Златко Черепналкоски, извршен директор за продажба и маркетинг на Енерџи Деливери Солушнс АД (Energy Delivery Solutions), компанија која е најголем увозник на електрична енергија во нашата земја.

Тој во интервјуто се осврнува и со проблемот со раскинување на договорите за снабдување на електрична енергија со што се соочија повеќе компании кај нас, како и за други актуелни теми од областа на енергетиката, при што вели дека кога се склучува догово да не се наседнува на цени кои се „премногу добри да бидат вистина“.

„Токму самиот универзален снабдувач бара еднаш годишно регулаторот да ги ревидира цените. Регулираните цени што универзалниот снабдувач им ги наплаќа на своите потрошувачи се цени кои еднаш годишно се ревидираат од страна на Регулаторната комисија за енергетика. И сведоци сме како во последните три години, цените за најмалите комерцијални потрошувачи се зголемија од 8,64 денари за киловат час, преку 9,27 до 10,42 денари за киловат час“, вели Черепналкоски во интервју за порталот на компанијата, Струја.мк.
Тој објаснува дека доколку на слободниот пазар, од каде што универзалниот снабдувач ја набавува енергијата, цената за енергијата порасне, тогаш регулаторот има обврска да му ги признае зголемените трошоци за набавка на енергијата на универзалниот снабдувач и врз тие трошоци да му ја признае бруто маржата од 11,5 проценти што ЕВН Хоме ја освои на јавен тендер.
„Според таа методологија, единствен начин цените за домаќинствата да не пораснат, или барем да не пораснат нагло, е акционерот на ЕСМ, кој е доминантен обезбедувач на енергијата што универзалниот снабдувач ја препродава до своите потрошувачи, да му даде налог на ЕСМ да понуди енергија под пазарната цена (како што понуди оваа година цена од 40 ЕУР/MWh а цената на берза е над 150 ЕУР/MWh) со што ЕВН Хоме ќе ги одржи цените за домаќинствата на некое приближно ниво од една страна, а од друга ќе си ја заработи маржата од 11,5проценти.., Но дали во таков случај ЕСМ ќе оствари добивка, тоа останува да се види“, вели Черепналкоски.
На прашањето зошто и покрај либерализацијата на пазарот на струја и за домаќинствата, се уште не профункционирал моделот според кој ќе се избира меѓу повеќе повеќе понудувачи со различни пакети на услуги со различни цени, , Черепналкоски вели дека тоа не се случува од причини што регулираната цена на електричната енергија за домаќинствата е субвенционирана и заради тоа е се уште пониска од пазарната цена. Со други зборови, доколку едно домаќинство би почнало да се снабдува на слободниот пазар, вкупниот трошок за електрична енергија би му бил поголем од оној што го плаќа кон универзалниот снабдувач.

Математичка и финансиска нелогика

„Оваа математичка и финансиска нелогика се случува заради одржување на социјалниот мир – односно заради обезбедување евтина цена за електричната енергија за домаќинствата. Но, во услови кога универзалниот снабдувач мора енергијата да ја набави по пазарни услови, прашањето е како може да си дозволи да снабдува околу 500 илјади домаќинства по цена пониска од пазарната? Одговорот е во субвенциите кои се обезбедуваат преку регулираните цени за правните субјекти од една страна и од ниската цена (далеку под пазарната цена) по која ЕСМ му ја обезбедува потребната енергија на Универзалниот снабдувач за потребите на регулираниот пазар“, вели Черепналкоски.
Што се однесува до првиот дел од субвенциите, како што објаснува, фирмите кои се уште се снабдувани од универзалниот снабдувач (ЕВН Хоме) плаќаат многу повисоки цени од пазарните и со тоа се дополнува „фондот за субвенции“ за да може универзалниот снабдувач да ги снабдува домаќинствата со енергија поевтина од пазарната. Сепак, лавовскиот дел од субвенциите се обезбедени преку цената по која ЕСМ му ја продава електричната енергија на Универзалниот снабдувач, кој понатаму ја препродава истата кон домаќинствата.
„Практично, се врши прелевање на приходи од правните субјекти и од ЕСМ кон Универзалниот снабдувач за да се покрие трошокот за вкупно набавената енергија и да се оствари маржа постигната на аукцијата за избор на универзалниот снабдувач“, вели Черепналкоски.

ЕДС е одговорна компанија која не дозволува нејзините клиенти да се најдат во непријатна позиција, ја набавува енергијата според договореното за времетраење на целиот договор и ја гарантира цената на струјата, вели Черепналкоски

Како што додава, токму заради полнење на „фондот за субвенции“, правните субјекти се поттикнати да изберат снабдувач на слободниот пазар, каде што во цената за енергијата не се вклучени субвенции и со тоа се остварува значително намалување на трошоците за потрошена електрична енергија.
„Како пример можам да ги наведам најмалите и најранливата категорија на фирми кои се фактурирани од универзалниот снабдувач во т.н. категорија „втор тарифен степен“. Овие мали фирми плаќаат 10,42 денари за kWh енергија без ДДВ. На слободниот пазар, истите тие фирми, за истата потрошувачка би имале вкупен трошок од само 9,55 денари за kWh енергија без ДДВ, односно би имале финансиска заштеда од повеќе од повеќе од 5 проценти. Под вкупни трошоци се подразбираат апсолутно сите трошоци како што се набавка и транспорт на енергијата до Северна Македонија, трошоци за балансирање, за обновлива енергија, пазарнина и мрежарина (мрежарината ја наплаќа Електродистрибуција ДООЕЛ, лиценциран оператор на дистрибутивниот систем и цените за мрежарината се регулирани и независат од изборот на снабдувач). Во пазарни услови кои не се екстремни како сегашниве, најмалите потрошувачи на електрична енергија остваруваа заштеди поголеми и од 30 отсто во однос на регулираните цени“, вели тој.

Некои снабдувачи се обложувале наспроти берзата

Во однос на влијанието на актуелната криза на пазарот на електрична енергија, односно нарушената понуда- побарувачка, Черепналкоски вели дека потрошувачката на електрична енергија во Северна Македонија, но и во целиот свет, опадна нагло во 2020 година, како директна последица од пандемијата. Поради тоа , единствени капацитети кои ја задржаа потрошувачката на исто или на повисоко ниво беа фармацевтската и прехранбената индустрија, комуналните претпријатија и големите маркети. Другите дејности, секоја со различен степен, покажаа намалена побарувачка, а угостителството скоро 100 отсто намалување.
„Во такви услови, нормално беше да се очекува и намалување на цените за енергијата. Зборувајќи погенерално за енергетиката, за првпат во историјата на нафтениот бизнис, се случи во еден ден цената на сировата нафта да падне на негативни 30 долари за еден барел. Практично производителите на сирова нафта нудеа 30 долари по барел на секој што има неискористен капацитет за складирање за да ја преземе произведената нафта. На берзите на електрична енергија, почесто се случува во ноќните часови берзите да ја продаваат енергијата по негативни цени – нудат пари на секој што може да потроши повеќе енергија од планираното“, вели Черепналкоски.
Тој додава дека во 2021 година има обратен тренд каде цената на струјата расте. Растот е причинет поради зголемената побарувачка како и растот на цената на сировата нафта, природниот гас, но и на ЦО2 сертификатите кои од почетокот на 2021 година двојно се покачија и постигнаа цена од над 60 ЕУР/ЦО2тон. И цената на сировата нафта (преку мазутот и природниот гас), и цената на ЦО2 сертификатите ги засегна термоцентралите на јаглен, чија цена на електричната енергија станува многу висока. Високите температури во текот на летото оваа година, како и недостатокот на производство на електрична енергија од ветерниците во средна и југоисточна Европа, беа причините на зголемување на цената на струјата која е повеќе од 100 отсто повисока од претходната година.
„Поради наглиот развој на цените од минатата во оваа година, на пазарот сме сведоци на негодување кај голем број потрошувачи на електрична енергија на кои одредени снабдувачи или им ги покачуваат цените во сред договор (и покрај тоа што клиентите очекуваат цените да бидат фиксни во текот на договорениот период на снабдување) или, пак, им ги раскинуваат договорите од причина што снабдувачот не сака и не може да плати висока цена за набавка на енергијата, во услови кога истата договорил да ја продаде многу поевтино. Кажано со берзански жаргон, некои снабдувачи се обложувале наспроти берзата – очекувале дека цената на електричната енергија ќе падне и во почетокот на 2021 година нудеа извонредно ниски цени за снабдување. Но, цените отидоа до небо и сега финансиската празнина помеѓу скапо купената и евтино продадената енергија тие снабдувачи се обидуваат да ја надополнат со мерки кои можат да ги чинат репутација“, вели тој.
Черепналкоски потсетува дека Регулаторната комисија за енергетика веќе објави дека отпочнала процедури за одземање на лиценци за снабдување со електрична енергија на некои снабдувачи кои не ги почитувале одредбите од Законот за енергетика, Правилата за снабдување и условите наведени во лиценците.
„Овие настани ќе бидат и добар показател за потрошувачите, да не кажам лекција, дека при евалуирање на понудите од конкурентните снабдувачи, предвид треба да се земаат понуди кои се во согласност со берзанските цени – бидејќи таквите понуди во цената содржат и СИГУРНОСТ ВО СНАБДУВАЊЕТО! Наспроти таквите логични цени, цените кои се „премногу добри да бидат вистина“, се шпекулативни цени кои за да обезбедат беспрекорен сервис, потребно е да се исполнат шпекулативните очекувања за движењето на берзанските цени – а тоа е ризик“, вели тој.
Што се однесува до ЕДС АД, како што посочува Черепналкоски, станува збор за одговорна компанија која не дозволува нејзините клиенти да се најдат во оваа позиција, ја набавува енергијата според договореното за времетраење на целиот договор и ја гарантира цената на струјата.
„Затоа, ЕДС можеби во дадени моменти нудеше поскапи цени од други снабдувачи кои беа шпекулативно настроени кон берзанската цена, но сепак ЕДС го гарантира тоа што го нуди и не отстапува од тој принцип. Принципот да не се шпекулира со берзанските движења, обезбедува сигурност во снабдувањето по гарантирани цени. Ова е особено важно за заштита на потрошувачите кои склучиле договор за снабдување со однапред договорени цени и во нивните бизнис планови, цената на нивните производи и услуги меѓу другото ги калкулираат земајќи ја и договорената цена на струјата. Така што кога вие ќе му ја зголемите цената среде договор, или пак ќе му го откажете договорот и ќе го изложите неспремен на пазарниот ризик, неговите бизнис планови ќе бидат пореметени до таа мерка што и нивната репутација кон нивните клиенти ќе биде разнишана. Според тоа, одговорноста во нашето работење претставува одговорност не само кон нас и нашиот акционер, туку и кон нашите клиенти и индиректно кон клиентите на нашите клиенти“, вели Черепналкоски во интервју за Струја.мк.
Енерџи Деливери Солушнс АД е најголемиот трговец/снабдувач на Македонскиот електро-пазар. Според последниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика за 2020 година, ЕДС учествува со 30,48 отсто и со 847.243 MWh во пазарниот удел и остварена продажба на снабдувачите на слободниот пазар на мало со електрична енергија.
ЕДС најголемиот дел од енергијата ја набавува на берзите во средна и југо-источна Европа. Помали количини се набавуваат и во Северна Македонија од гасната централа ТЕ-ТО кога истата произведува електрична енергија како и од производителите на обновлива енергија, најчесто мали хидроцентрали и фотоволтаични централи кои не користат повластени тарифи.