Цената на природниот гас и натаму паѓа – денеска беше 104 евра за мегават час

Цените на гасот постојано се во надолна линија од 28 септември. Највисоката вредност беше на 26 август – 346 евра за мегават час


 

Природниот гас во Европа од денеска во 9,30 часот поевтини за 7,97 отсто, покажуваат податоците на лондонската берза ИЦЕ. Ноемвриските фјучерси на центарот ТТФ во Холандија се тргуваат по 104,50 евра за мегават час или околу 1.030 долари за 1.000 кубни метри.

Утрово се отвори и берзата по цена од 105 евра за мегават час, а нешто подоцна синото гориво падна на 100 евра за мегават час, но потоа почна благо да поскапува.

Размената беше затворена во петокот вечерта по цена од 113,58 евра за мегават час – околу 1.120 долари за 1.000 кубни метри.

Податоците од берзата укажуваат дека од 28 септември до сега е забележан тренд на постепено намалување на цената на природниот гас во Европа. Размената тогаш се затвори по цена од 223,06 евра за мегават час или околу 2.180 долари за 1.000 кубни метри. Оттогаш, цената речиси постојано паѓа. Од 12 октомври до денес, синото гориво почна уште посериозно да поевтинува – тогаш берзата се затвори по цена од 160 евра за мегават час или 1.570 долари за 1.000 кубни метри, а цената секој ден паѓаше.

Најголемиот ценовен пик досега на водечката европска берза за гас е забележан на 26 август – 346,52 евра за мегават час или околу 3.500 долари за 1.000 кубни метри.