Бункери за богатите: Еве како изгледа зграда која би можела да преживее нуклеарен напад
Одамна е познато дека ситуацијата во светот е на работ да ескалира и да доведе до Трета светска војна, а најбогатите веќе прават опсежни подготовки за такво сценарио. Тие немаат проблем сами да си ја платат безбедноста, па затоа не е чудно што во тек се подготовки за изградба на непробоен нуклеарен бункер каде што, доколку избие војна, ќе можат да живеат непречено, без да се грижат за сопствената безбедност, бидејќи таму ќе има – сè.
Компанијата SAFE пред јавноста го претстави својот најнов проект – непробоен нуклеарен бункер вреден 289 милиони евра во кој во случај на Трета светска војна или нуклеарен напад, засолниште ќе најдат најбогатите.
Во американската сојузна држава Вирџинија е планирана изградба на бункер наречен „Aerie“, а најбогатите луѓе во светот таму ќе имаат свои луксузни станови каде што ќе можат да преживеат глобални катастрофи.
Апокалиптичен клуб за избраните
Иако, судејќи по фотографиите, изгледа како нешто од далечната иднина, инвеститорите најавија дека бункерот ќе биде изграден до летото 2026 година и дека за него ќе се потрошат споменатите 289 милиони евра.
Ѕидовите ќе бидат отпорни на експлозии, стаклото ќе биде отпорно на куршуми, а ќе има и подземни простори и нуклеарно засолниште. Но, не е само практичната безбедност кон која се стреми SAFE. Овој апокалиптичен клуб за елитата е дизајниран до совршенство и преполн со луксузни удобности како базени, медицински апартмани со вештачка интелигенција, па дури и ѕид за качување.
Нема да се знае кој ќе го купи нивниот стан таму, бидејќи компанијата склучила договори кои ја обврзуваат да ги чува доверливи информациите за богатите и познати клиенти. Треба да се претпостави дека меѓу нив нема да има луѓе како Канје Вест, Ким Кардашијан и Том Круз кои веќе имаат свои бункери на нивните имоти.
Тунел за бегство во кралските резиденции
Патем, членовите на британското кралско семејство, кои долго време имаат соби за паника во нивните кралски резиденции, не ја кријат својата загриженост. Принцот Вилијам и Кејт Мидлтон имаат соба во палатата Кенсингтон која има системи за филтрирање на воздухот, заштита од биолошка војна и тунел за бегство.
Слично постои во замокот Виндзор и Бакингемската палата. Овие соби биле изградени за време на владеењето на покојната кралица Елизабета Втора, кога во Обединетото Кралство била покрената заканата од тероризам. Сите овие простории содржат и залихи на храна и лекови кои редовно се надополнуваат.