„Букинг“ ги испразни џебовите на хотелиерите, доцни со уплати со месеци


Веб-страницата за патувања Booking.com остави со месеци без пари многу хотелски оператори и други партнери ширум светот правдајќи го недостигот на плаќања со „технички проблеми“.

Прашањето е широко распространето во Тајланд, Индонезија и Европа меѓу хотелиерите кои ги искажуваат своите фрустрации во групите на Фејсбук додека се шират гласини за причината за неплаќањето.Вообичаено, ако клиентот направи резервација за хотел преку веб-страницата Booking.com и одлучи да плати однапред, страницата ги зема уплатите и ги пренесува  на хотелскиот оператор, минус провизија.

Партнерите на Booking.com пријавија проблеми со уплатите на парите од јули, а во некои случаи и месеци порано. Додека Booking.com продолжи да прима плаќања од клиентите, компанијата не секогаш им ја пренесувала сумата што ја должи на хотелските оператори и на другите со кои „Гардијан“ разговарал.

Во август, Booking.com објави вкупни приходи од 5,5 милијарди долари и добивка од 1,3 милијарди долари за вториот квартал од 2023 година – зголемување за 27% и 51% во однос на претходната година, соодветно.

„И ноќевањата на собите и бруто резервациите беа пред нашите претходни очекувања како резултат на поволната побарувачка“, рече тогаш извршниот директор Глен Фогел. „Растот на приходите од 27% во вториот квартал исто така убаво ги надмина нашите очекувања“.

Лорен Инфелд управува со хостели во Кох Фанган, Тајланд, каде што работи 20 години. Booking.com престана да ги пренесува плаќањата на американскиот државјанин за еден од хостели во средината на април.

„Имаше една уплата што доцнеше одвоено од останатите, а потоа сите плаќања исчезнаа. Значи шест месеци сме без уплати“, изјави тој за „Гардијан“.

Инфелд ја изнајмува зградата во која се наоѓа хотелот Loud: A Full Moon Beach. Откако плаќањата од Booking.com престанаа, тој рече дека бил принуден да ја плаќа киријата и другите трошоци од свој џеб додека не стигнал до последните 3 долари.

„Нема начин да ги контактирате. На интернет пишува дека мора да разговарате со финансиската или со кредитната контрола, но ниту за еден од нив нема телефонски број или адреса на е-пошта“, вели  Инфелд.

Тој рече дека Booking.com му должи околу 125.000 бати – или околу 3.500 американски долари – што тоа е многу за бизнис во Тајланд. Инфелд рече дека имотот оттогаш му бил запленет од сопствениците поради неуспешни плаќања за кирија, што го оставило банкротиран додека се обидувал да ги води своите други бизниси.

Тој рече дека за да контактира со Booking.com може да го повика контакт центарот, кој потоа поднесува билет за тие тимови. Но, билетот истекува на секои четири дена, поради што е потребен уште еден телефонски повик за да поднесете нов билет. Тоа принудува многумина да се обидат на други начини да стигнат до компанијата, вклучително и со пораки на LinkedIn, насочена е-пошта до извршниот директор на групата Booking и преку барање индивидуални финансиски службеници преку интернет.

Емили Стенли, Австралијанка која води вила со две спални на Бали, успеала да наплати  минатата недела  11.000 австралиски долари за кои и биле должни од март, следејќи го финансискиот службеник на Фејсбук.

„Чувствувам дека тоа е единствената причина, бидејќи пробав сè друго. Се јавував, праќав е-пошта и ништо. И тогаш едноставно беше смешно што ден откако тој одговори, парите се најдоа на мојата сметка“.

Стенли рече дека доцнењето на исплатата значело дека таа не може да плаќа кирија на сопствениот дом и дека била принудена да почне работа како медицинска сестра во место  каде сместувањето било обезбедено бесплатно.

„Беа тоа многу тешки шест месеци. Многу стресно, многу солзи. Се обидувам да бидам позитивна, но навистина е тешко да се избегне таа негативна енергија затоа што луѓето само ве шетаат“, вели таа.

Трандафир Рат, оператор на вили во Данска, рече дека тој исто така бил принуден да преземе дополнителни работни места за да ги покрие долговите. Тој вели дека ќе му биде исклучена струјата на почетокот на октомври, освен ако не му се платат 10.000 евра за кои вели дека Booking.com му ги должи.

„Бараме да ми ја испратите сумата во најкус можен рок бидејќи ризикувам да ја изгубам целата моја животна работа!!! – напишал Рат во е-пошта до Booking.com.

Другите засегнати се блогери за патувања и веб-страници на кои им се плаќа кога клиентите кликнуваат на врската на нивната страница. Некои оператори изјавија дека парите им биле исплатени откако нивната приказна станала јавна. Унгарското тело за заштита на потрошувачите минатиот месец започна истрага за неуспехот на компанијата да плати на хотелските оператори во земјата и изврши рација во локалната канцеларија на Booking.com, по локалното известување за проблемот.

“Гардијан“ испрати серија прашања до Booking.com за природата на проблемот, за бројот на засегнатите даватели на хотелски услуги, за  износите што се должат и дали ќе се обезбеди компензација на оние кои претрпеле тешкотии како резултат на тоа. Компанијата одби да одговори на овие прашања, но во соопштението рече дека компанијата се стреми „да го поддржи секој од нашите партнери за сместување на најдобар можен начин и целосно да ја разбере важноста на обработката на плаќањата навреме“.

„Ја разбираме фрустрацијата на домаќините и сопствениците на сместувачките капацитети кои беа неоправдано погодени од тековниот технички проблем и можеме да потврдиме дека системските грешки што влијаеја на плаќањата сега се поправени и трансакциите на повеќето од нашите партнери се обработени“, изјави портпаролот.

„Признаваме дека за некои ова траеше подолго отколку што требаше и продолжуваме да работиме итно за да ги финализираме останатите трансакции. Ако некој партнер има проблем, може да не контактира преку Partner Hub“, порачаа тие.

Инфелд рече дека само враќањето на она што му го должи компанијата не е доволно. Тој сака секој хотел што не е платен да биде платен заедно со каматата на пазарот и да се откажат сите провизии на Booking.com. Стенли рече дека никогаш повеќе нема да користи Booking.com.

„Никогаш. И јас го ширам зборот исто така“. (Гардијан)