Бучковски: Предолго чекавме нова бугарска влада, спорот треба да биде приоритет


Владо Бучковски, специјалниот претставник на македонската Влада за преговорите со Бугарија, изјави за „Дојче Веле“ вели дека разговорите не се прават од денес за утре, туку траат подолг период.

„Петте точки се тема на разговори повеќе од една година. И за време на службената влада во Бугарија продолжи комуникацијата на нашето и бугарското МНР, на министерско и експертско ниво. При посетата на Софија, во јуни годинава, нашата делегација предводена од премиерот Заев разговараше со претседателот Радев и со службениот премиер Јанев за петте точки. Во октомври во Брдо кај Крањ, премиерот Заев на два пати разговараше со претседателот Радев, вториот пат во присуство на канцеларката Меркел. Тогаш, во јавно дадена изјава, Радев потврди дека се бараат конкретни решенија за 5 плус една точка.

Чекавме Бугарија конечно да добие политичка Влада. Сѐ поизвесно е дека идната недела ќе добие нова влада предводена од  Кирил Петков. Евентуалните конкретни резултати од преговорите водени досега треба да се верифицираат од новата влада во Бугарија, потоа да се одржи Меѓувладина седница со претседавање на двата министри за надворешни работи. Јас лично сум оптимист дека ќе има резултат, но за нас е побитно – кога? Ние очекуваме еден од приоритетите на новата влада во Бугарија да биде токму ‘македонското прашање’. Впрочем, извесниот иден премиер Петков, тоа го навести во интервју за Дарик Радио пред 4 дена“, потсетува Бучковски.

Според него  треба да се искористи декемвриско-јануарскиот „прозорец на можности“.

„Ако не се договориме сега, додека Заев е премиер, ќе влеземе во нова неизвесност. Ќе изгубиме пак многу време, а ние веќе немаме време за чекање! Предолго ја чекавме Бугарија да има политичка влада. Премиерот Заев останува на позицијата за да го затвори овој процес на преговори со новиот бугарски премиер. Тоа е исклучително важно за утврдување на временската рамка за изнаоѓање на компромисно решение и кревање на блокадата од страна на Бугарија. Да не заборавиме дека идниот претседавач со ЕУ, Франција има претседателски избори во април. Заради тоа, немаме многу време пред да почне нивната кампања. И завчера на Софискиот форум потенцирав дека прозорецот на можности е отворен сега“, потенцира Бучковски.

Тој не гледа проблем ако идниот министер за надворешни работи на Бугарија дојде од редовите на Има таков народ. 

„Јас лично не стравувам од тоа кој ќе го води бугарското МНР во новата Влада. Тој мора да ги следи владините политики. Позициите на новата владина коалиција се јавно обелоденети за време на нивните транспарентни преговори. Дефинитивно ние очекуваме конструктивен пристап од бугарска страна и промена на методологијата на имплементирање на нашиот Договор за пријателство и соработка, со интензивна работа на заедничките работни групи за различни области – економија, инфраструктура, образование, култура, човекови права, но и засилена работа на заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања“, вели тој.