Бразил суспендираше 12 милиони вакцини „Синовак“


Бразил пријави 21.804 нови случаи и 692 починати во саботата

Бразилскиот федерален здравствен регулатор ја суспендираше употребата на над 12 милиони дози вакцини против Ковид-19, развиени од кинеската фирма Синовак.

Регулаторот во изјавата во саботата рече дека дозите што биле суспендирани се произведени во неовластена фабрика.

Здравствениот регулатор, Анвиса, рече дека бил предупреден во петокот од Институтот Бутантан во Сао Паоло, биомедицински центар кој соработувал со кинеската фирма за дистрибуција на серии вакцини на локално ниво.

Бутантан исто така изјави за Анвиса дека во истата фабрика се произведени уште 17 серии, вкупно 9 милиони дози. Тие вакцини допрва треба да пристигнат во Бразил.

„Производствената единица… не беше прегледана и не беше одобрена од Анвиса за одобрување итна употреба на споменатата вакцина“, рече бразилскиот регулатор.

Забраната беше „мерка на претпазливост за да се избегне изложување на населението на можен непосреден ризик“, се додава.

Анвиса сега ќе изврши увид во предметната фабрика и ќе дознае повеќе за безбедноста на производството. Бразил во голема мера се потпираше на вакцини од „Синовак“ на почетокот на својата кампања за вакцини, но оттогаш се префрли на неколку производители.

Бразил регистрираше повеќе од 20 милиони случаи од почетокот на пандемијата, додека официјалниот број на жртви се искачи на 582.670, заклучно со 3 септември, според државната статистика.