Бранимир Јовановиќ си замина, се бара министер за финансии


Советникот на министерот за финансии, Бранимир Јовановиќ, се одјави од Министерството за финансии. Преку „Фејсбук“. Премиерот Зоран Заев е во потрага по нов министер за финансии. Тој ќе си донесе нов советник.
Вака сублимирано, станува посфатлив потегот на советникот да си замине прв. А и нема многу различни видувања околу неговиот ангажман како советник во клучното министерство кое требаше да испорача рекомпонирање на економијата. И по две години, сè уште се чекаат реформите на ДДВ-то, на акцизите, на оданочувањето на услугите, на фискализацијата, на трезорот (што можеби е погоре на листата)…
Еве што напиша Бранимир Јовановиќ на својот фејсбук-профил:
„По речиси две години, се повлекувам од Министерството за финансии. Одлукава ја донесов уште пред некое време, но не сакав да ја објавам додека не поминат изборите. Имаше сè во овие две години, но сепак си заминувам со позитивни впечатоци. Бевме одличен тим и функциониравме навистина добро. Направивме доста работи, од кои најважна за мене е даночната реформа. Ги подобривме буџетските приходи, го намаливме дефицитот, го стабилизиравме јавниот долг. Кратко кажано – ги средивме државните финансии. Сега е време да им се посветам на нештата кои ги запоставив овој период – семејството, блиските, нештата кои ги сакам“.
Од Министерството за финансии не излегоа со официјално соопштение, а неофицијално велат дека соработката со Јовановиќ била на високо професионално ниво и немало разидувања меѓу него и министерот.
Надвор од Министерството, во бизнис круговите, првата реакција е дека многу од испорачаното на двоецот Тевдовски-Јовановиќ ќе треба што побргу да се промени.
„Зголемувањето на персоналецот не донесе повеќе пари во касата. Ова решение ќе мора да се укине. Исто како што направи Ставрески на времето, кога рече дека ќе ги оданочува хонорарците, па се повлече“, коментира еден бизнисмен.
Токму воведувањето на дополнителната стапка од 18 проценти на лични приходи од над 90.000 денари предизвика гнев што не стивнува, а негативниот ефект сега се испорачува.
Бизнисмените се строги. Тие велат дека Јовановиќ можел да ја турка својата социјалистичка логика само ако има пари за тоа. Бизнис заедницата кога губи пари или се пренасочува или намалува исплати, ама секогаш наоѓа начин да го направи тоа. Кога ти ќе ја притиснеш бизнис заедницата, таа секогаш ќе се снајде. Нејзините членови велат дека биле навикнати да плаќаат по 10 отсто, па да се зголемел еден процент, на 11 отсто, двоецот од Министерството за финансии ќе имаше подобри приходи и никој ништо немаше да им каже. Вака, наместо да растат платите, големите компании, кои имаат однапред предвиден буџет, кога им го кренаа персоналниот данок на најголемите плати на луѓето кои придонесуваат за фирмата, за да не ги намалат платите на другите, се откажаа од сите општествено полезни работи, како донациите за спортот, на пример. Бидејќи им ги потрошија парите на дополнителниот персоналец, а немаа предвидено во буџет да дадат повеќе. Второ, прагот е пренизок, настрадаа дури и професори. Трето, мора да се крене прагот за оданочување на 1,5 милиони денари, ако не и на 2 милиони, како што беше на почетокот. Вака дури и човек што води складиште, кому тоа му е единствен приход, го тераат да води сметководство, да прави екстра трошок, да се малтретира… и капка по капка, се собира незадоволството, изневерените очекувања – се коментари од бизнисмени.
Факт е дека новата влада не го почна прекројувањето на даночната регулатива со некое од „помеките“ даночни решенија но со поголем ефект, кои стигнале до бирото на советникот на министерот за финансии, но биле отфрлени. Како на пример, она за само еден процент качување на персоналецот за сите, од 10 на 11 отсто и со дополнително социјално олеснување – осум отсто персоналец за ранливи категории. Бизнисмените со бројки аргументираат дека дури и во Шведска, каде што најмногу пари се наплатуваат од персоналните даноци, сè уште повеќе пари во буџетот влегуваат од ДДВ и другите даноци.
„И сето ова се случува во една тотално неразвиена економска средина, отепана од Груевски и опљачкана од неговите, под пресија на тврдите левичари, го запнуваш стопанството, кое едвај те дочекало да дојдеш за да му помогнеш“, укажува друг бизнисмен. „А претходно ги запираш сите инфраструктурни проекти, градежништвото го оставаш без работа, значи без леб, бидејќи тоа е таа категорија работници. А градежништвото со себе влече уште 18 сектори. Така ги губиш и она малку мајстори и работници што земјата ги има, имаш шест отсто намалување на бројот на работните места и истовремено намалување на невработеноста во Македонија“, коментира овој бизнисмен.
Дали навистина многу работи тргнале по надолна линија поради лошиот спој на левичарењето во Министерството за финансии и бизнис ориентацијата на вицепремиерот за економски прашања, останува да анализира тимот на Заев. Она што излегува од прилично добро затворените владини врати сведочи за судирот на идеолошката матрица на советникот Јовановиќ со онаа на вицепремиерот Кочо Анѓушев. И тоа уште од стартот на новата Влада.
„Тој верува дека капитализмот е лош систем. Во една прилика рече: ‘Нас не ни требаат странски инвестиции, ние ќе се развиваме како Словенија, со туризам’. Кочеше решенија за актуелни економски проблеми, со аргументација од типот ‘државата е најдобар сопственик’. И кога на ова ќе се додаде дека не сака да презема храбри и брзи потези, резултатот е овој што го гледате“, вели наш соговорник од администрацијата.
Наводно, уште пред три недели на министерот за финансии Драган Тевдовски му било предочено дека Јовановиќ треба да си оди. А премиерот бил советуван уште многу порано дека треба да најде ново решение за министер за финансии. Не теоретичар. И не некој што ќе си дозволи да земе еврообврзница од 500 милиони евра пред една и пол година, да искористи 130 милиони, а 370 милиони евра да ги чува и за нив да плаќа камата.

Анита Салтировска