Блокирањето на петтиот пакет економски мерки го кочи и бришењето на каматите за долговите кон јавни институции


Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска во емисијата Студио 10 на ТВ 24, зборуваше  за  новото  законско решение, недела-неработен ден, на кое му претходеше неколку месечна анализа и за кое што решение беа вклучени сите засегнати страни.
 
„Недела е ден на неделен одмор за сите работници освен за оние дејности каде што просецот не смее да се прекине. Оние кои ќе работат во недела,  ќе добијат најмалку 50 проценти повисока дневница, а овој процент може да биде повисок доколку тоа е уредено со Колективен договор. Исто така, овие работници имаат право на слободен ден за неделен одмор, друг ден во неделата, рече Шахпаска.
 
Министерката посочи дека одлуката моловите да работат во недела е донесена земајќи предвид дека тие токму во недела остваруваат 40% од прометот и затоа е економски оправдано нивното работење. Тие ќе работат само една смена, од 10 до 18 часот, а 2 отсто од прометот остварен во моловите во неделите ќе се наменат за изградба на градинки.
 
Исклучоци од законското решение недела неработен ден се околу 38 дејности , како што се авторизација и видео надзор во банките, прифаќање и пастеризирање на млекото и други.
 
Како дел од петиот пакет економска помош наменета за ранливите категории на граѓани министерката Шахпаска го наведе бришењето на  камати кон јавни институции и претпријатија. „Преку мерката, со законски измени , јавните комунални претпријатија, јавните претпријатија и Управата за јавни приходи, општините и  сите други институции од јавните дејности ќе треба да им ги простат и избришат долговите на граѓаните по основ на камати во висина од 100%. Тоа се однесува за сите физички лица во нашата земја,“ рече Шахпаска.
 
Таа посочи дека со петиот пакет економски мерки се опфаќаат  сите категории на граѓани. Покрај директната помош кон граѓаните, преку мерките директно се влијае на зачувување на работните места, што претставува приоритет на  министерството и на владата во оваа криза.
 
„Очекувам дека разумот ќе проработи и дека на пратениците ќе им проработи свеста, затоа што сепак ние сме во служба на граѓаните и ние мора да одговориме на нивните потреби и барања, “ истакна министерката коментирајќи за блокадата во Собранието а со тоа и доцнењето на економската помош предвидна со петиот пакет економски мерки.