Блок 1 на РЕК „Битола“ повторно во функција


Вечерва, во 22:02 часот Блок 1 на РЕК Битола е ставен во функција, соопштија од ЕСМ.

„Постројката е синхронизирана со македонскиот електроенергетски систем и испорачува електрична енергија. Благодарение на натчовечките напори на вработените во комбинатот, РЕК Битола експресно го оспособи Блок и продолжува да работи со два блока“, велат од ЕСМ.

Покрај Блок 1, во погон е и Блок 3 на РЕК Битола, а Блок 2 е во ремонт.

„За среќа, овојпат испадот на блокот од мрежа не предизвика поголеми оштетувања на опремата на комбинатот, што овозможи брза санација на последиците и брзо враќање во функција на постројката. Блок 1 испадна од мрежа попладнево околу 16:45 часот заради прекин во напојувањето со струја, што пак беше предизвикано од испад на далновод на МЕПСО“, велат од ЕСМ.

Од таму посочуваат дека денешниот испад на блок на РЕК Битола заради проблеми во системот на МЕПСО беше втор во рок од десетина дена.

Инаку, претходно денеска, од МЕПСО реагираа на ваквите тврдења и информираа дека далекуводот кој го напојува Блок 1 во РЕК Битола е цело време под напон и нема никаков проблем со напојувањето.

– По последниот испад кој без напојување го остави Блок 1 во РЕК Битола, а за кој прстот на одговорност овој Комбинат веднаш и неосновано го впери кон АД МЕПСО, нашата компанијат одлучи да излезе со соопштение со прецизен и објективен приказ на настаната ситуација. Денеска, дождот и ветерот во Битола предизвикаа краток испад на 110 кв далекувод ТС Битола 2 – ТС Битола 4, но посочуваме дека овој испад не е причина за прекин во нормалното напојување на Блок 1 во РЕК Битола. Далекуводот кој со електрична енергија го напојува овој блок, за цело време е под напон и на него нема никаков проблем со напојувањето, нагласуваат од АД МЕПСО.