Благоев: Бугарската црква ќе биде принудена да ја признае македонската


Патријархот Порфиориј и архиепископот Стефан на заедничката литургија во Соборниот храм во Скопје (Фото: Б. Грданоски)

Давањето автокефалност од страна на СПЦ на Македонската православна црква предизвика реакции и во Бугарија каде што не само јазикот и историјата, туку инсистираат дека и црквата ни е заедничка, па и бугарска. Но, главната порака е дека шансата да се постигне нешто за ова прашање е – пропуштена.   

„Во црквата, како и во политиката, работите не се случуваат секогаш како што сакаме. Очекувано беше тоа што се случи во Македонија, особено по абдикацијата на Бугарската православна црква во 2019 година конечно да се заложи за поддршка на решавањето на македонскиот црковен случај“, оцени во интервју за БНР, Горан Благоев, новинар и историчар.

„Во 2017 година Македонскиот синод се обрати кон нашата црква да стане црква-мајка и за прв пат од Македонија имаше толку јасен знак. Бидејќи нашиот синод немаше ниту овластување ниту потенцијал да го направи ова, работите природно дојдоа до она што се случи вчера – српскиот патријарх во Скопје објави дека Србија и дава автокефалност на Македонија.  Во 1945 година свештениците кои ја основаа младата македонска црква беа дотогаш свештеници на Бугарската егзархија, рече Благоев.

„ Македонската црква се одвои од српската во 1967 година. Младата македонска црква е создадена како антисрпска. За жал, властите на Тито брзо ја претворија во инструмент на антибугаризмот. Ние сме први на удар со оваа одлука, но проблемот е што не се штитиме“, коментира Благоев.

Според него, Софија веќе нема на располагање корисен потег, а досега имала неколку опции.

„БПЦ ќе биде принудена да ја признае Македонската црква како една од многуте православни цркви во светот, а не како единствената со која има заедничко историско минато. Шансите се пропуштени. Речиси никој во православниот свет нема да биде импресиониран од бугарските тврдења за името Охридска архиепископија“, нагласи Благоев. Според него, во последните години бугарската црква се покажала како „многу малку авторитетна во семејството на православните цркви“.

„Се навлегува во историската меморија бидејќи Охридската архиепископија била возможна во средниот век благодарение на континуитетот со црквата на Првото бугарско кралство. И еве, ако Светиот Синод сè уште има малку разум, може итно да реагира со порака до сите помесни православни цркви и  да ги заштити своите историски права на ова име. Ако не го направи тоа,  православниот свет ќе го прифати она што Цариградскиот патријарх го диктира и одредува. Мора да пристапиме деликатно, затоа што ги свртевме доволно против нас луѓето во Северна Македонија со нашата упорност да не дозволиме Македонија да влезе во ЕУ, заклучува Горан Благоев.