Бизнисот бара итно „лек“ заради корона вирусот, Владата одмерува „терапија“


За да се спречат поголеми штети по економијата мора да се размислува и за ургентна и навремена помош која институциите би му ја овозможиле на приватниот сектор, порачуваат од ССК

Мирче Јовановски

Бизнисот се погласно бара итни мерки за помош на компаниите чии деловни активности се погодени од ограничувањата што ги наметна корона вирусот во светот, но и кај нас. Владата вчера излезе со серија мерки за заштита на населението, но се уште мери дали и кога да одреди соодветна „терапија“ за стопанските гранки и компаниите кои трпат штети заради епидемијата.

Од Сојузот на Стопански комори денес упатија апел до Владата да излезе со итни мерки за приватните компании.

„Кај компаниите постои расположение да се почитуваат мерките кои Владата ги донесе за справување со штетните последици од Ковид-19, но за да се спречат поголеми штети по економијата мора да се размислува и за ургентна и навремена помош која институциите би му ја овозможиле на приватниот сектор“, вели претседателот на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.

Таа ја нагласува општествената и хуманата компонента, како и дека никој не сака вработените да се разболат или нивните децата да останат незгрижени.

„Меѓутоа мора да се размисли и околу тоа дали и колку ќе можат компаниите да го издржат притисок кој доаѓа од различни страни. Верувам дека институциите ќе реагираат навремено и дека ќе преземат мерки по примерот на САД, Германија, Словенија за да се намалат штетните последици по економијата, бидејќи тоа негативно ќе влијае на целото општество. Во останатите држави се изготвени предлози за финансиска помош за одржување на ликвидноста на компаниите што се најтешко погодени од влијанието на појавата, кои се добар пример за помош“,  вели Арсовска.

Данела Арсовска, претседател на ССК

Според ССК, на приватниот сектор може да му се помогне на различни начини, преку одвојување на средства во буџетот, привремено ослободување или одложување на плаќањата на даночните обврски или пак преку поволни кредитни линии и можности за репрограмирање на обврските кои би ги овозможиле институциите и банките.

„Не треба да се дозволи компаниите да не можат да ги остварат планираните активности особено оние кои имаат производни процеси поврзани со извоз во земји кои ни се традиционални трговски партнери“,  вели Арсовска.

Денес реагираа и туристичките агенции, хотелиерите и превозниците кои обединети во туристичките комори ги проценија загубите во нивното работење меѓу 40 и 80 отсто. Тие се пожалија дека до мај се откажани сите организирани тури од странство, а драматично е намален и бројот на туристите кои престојуваат во земјава.

„Не смееме да дозволиме компаниите да банкротираат“, апелираа тие и ја посочија Словенија како земја која предвидела значајни финансиски средства за помош на туризмот како гранка.

Покрај ослободување од придонеси и даноци на личен доход во период од шест месеци и намалување на ДДВ од 18 на пет отсто, туристичките комори на прес конференцијата побараа и да се формира фонд за ублажување на штетите од КОВИД-19, потоа упатства од Министерството за економија за реагирање при конфликти меѓу клиенти, добавувачи и туристички компании, измена на програмата на Агенцијата за туризам со цел адектватен одговор на актуелната ситуација,  измени на правилникот на ЗАМП, прифаќање на предлогот за измени на Законот за туристичка дејност во делот за осигурување, воведување ваучери за планинските центри за најзасегнатите категории граѓани со важност до први јуни 2020, како и конференциите, семинарите и симпозиумите, наместо во странство, да се организираат во објектите во Македонија.

Од прес-конференцијата на туристичките комори (Фото: МИА)

Во овој сектор се вработени околу 20.000 лица, а заедно со придружните дејности, таа бројка достигнува над 100.000 лица.

Од Министерството за економија, пак, им одговорија ситуацијата со корона вирусот не треба да се гледа како можност за постигнување одредени придобивки.

„Ја следиме ситуацијата во сите индустриски гранки и свесни сме за последиците, но во моментот приоритет е здравјето на граѓаните“, порачаа од Министерството за економија. Од таму побараа коморите да достават анализа за предизвиканите штети од откажувањата на турите, семинарите, конференциите и продажбата на аранжманите до Координативното тело кое е веќе е формирано и кое е составено од претставници на Министерството за економија, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), сите туристички комори и здруженија. Исто така, и дека предлогот за осигурување аранжмани е прифатлив и е предвиден во измените на Законот за туристичка дејност. Министерството за економија сугерира министерствата за финансии и за култура да направат анализа на барањата на туристичките комори за правилникот на ЗАМП, додека АППТ согласно своите надлежности да направи анализа за можностите за промена на Програмата за работа, како и пренамена на средствата за субвенции за странски организиран туристички промет во Фонд за туризам со цел обесштетување на засегнатите страни.

Во изминатиот период и други стопански гранки се пожалија дека трпат штети поради неможноста да набават сурови од подрачјата зафатени со епидемијата со корона вирусот. Тоа особено се однесува на чевларската индустрија, која кожата ја набавува од Италија. Проблеми имаат и превозниците, но и компаниите кои се дел од глобалните синџири на снабдување и  кои уште во почетокот на кризата, се соочија со предизвикот на недостиг на компоненти кои ги набавува од Кина, или пак, таму ги пласираат своите производи.

Од Владата велат дека ја следат ситуацијата и дека се разработуваат различни сценарија, но се уште не излегуваат со конкретни мерки.

На вчерашниот брифинг со уредниците од македонските медиуми беше посочено дека има различни проекции и сценарија во зависност каков ефект кризата со корона вирусот ќе има врз економијата во целина и врз одделни стопански сектори.

„Некои држави ги субвенционираат придонесите и платите на вработените кои што не одат на работа. Кај нас таквите вработени се ослободени согласно препораките на Здравствената комисија, односно Министерството за труд препорачува кој да не оди на работа кога има високи температури или екстремно ниски температури. Сега се користи истиот механизам – велиме согласно препораките на Здравствената комисија, Министерството за труд известува кои лица не треба да одат на работа, а нивниот работен однос се евидентира како да биле присутни и се стопроцентно покриени. Тоа е целосно регулирано“, велат во Владата.

Од таму додаваат дека и во случај на виша сила, постојат законски решенија со кои дел од последиците, односно 50 отсто, ги надоместува државата, но тоа, како што велат, кај нас се уште не е случај. Доколку ситуацијата ескалира до таа мера да не можат граѓаните да одат во банките и ако економијата не може да испорача резултати, тогаш не се исклучуваат и други мерки, како на пример одложување на плаќање на кредити.

„Заедно со економските ресори и стопанските комори ги следиме состојбите во економијата, ова е глобален проблем. До крајот на неделава ќе имаме дополнителни процени што се прават во координација со Министерството за здравство во однос на отсуствата од работа и во координација со стопанските комори и ако има мерки за поддршка на економијата ќе ги соопштиме“, велат од Владата.