Порака од бизнис секторот: државата да ја спаси економијата, за подоцна тој да ја спаси државата


Никој не бара да бидат простени долговите, туку да се размисли да се одложат даночните обврски, велат од асоцијациите на стопанствениците

Бизнис секторот не е задоволен од мерките кои денес беа објавени како првична поддршка за компаниите, а пред се за микро, малите и средни претпријатија. И двете најголеми асоцијации на стопанствениците во земјава, Стопанската комора на Македонија и Сојузот на стопански комори, потенцираат дека состојбите се менуваат од час во час и потребно е да се направи се за да се сочуваат бизнисите и работните места.

„Острите реакции на компаниите на денешното објавување на сетот на економски мерки само ја потврди јавната изјава на претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески дадена во неделата дека позициите на јавниот и приватниот сектор се многу оддалечени“, се вели во реакцијата на Стопанската комора испратена попладнево до медиумите.

Во соопштението се вели дека се потребни максимални напори на тешко преговарање да се дојде до најдоброто решение затоа што во меѓувреме работите се менуваат од час во час.

„Најдобра потврда за тоа е состојбата со автомобилската индустрија во Европа, што укажува на сериозноста на кризата и на одговорноста која ја носиме. Затоа, најдоброто решение е на стопанските субјекти јасно и недвосмислено да им се предочи дека со сите средства кои стојат на располагање државата на краток рок ќе го сочува бизнисот и компаниите, за тие да ја сочуваат нејзе на среден и долг рок“, велат од Стопанската комора.

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија (Фото: Б. Грданоски)

Притоа се додава дека втората работа што треба да се нагласи во овој момент е дека не треба да има недообјаснети формулации.

„Јасно треба да се каже дека ќе се употреби сè да ја совладаме оваа огромна опасност и по нашите животи и по опстојувањето на бизнисот. Се разбира дека после тоа ќе се седне и повторно со преговори ќе се најде начин да се надомести направената штета“, се вели во соопштението. „Ова не е работа за која што сме ние виновни, но е работа за која што сме одговорни. Да ја изведеме со најголем степен на ризик, затоа што само така можат последиците да бидат помали“.

Од оваа асоцијација најавуваат дека заради заедничко утврдување на клучните приоритети за што поуспешно справување на македонската економија со тековните состојби, утре и в петок ќе се одржат состаноци помеѓу компаниите-најголеми извозници со директорот на Царинската Управа, и на претседателите на здруженијата според дејности со креаторите на економските политики.

И од Сојузот на стопански комори алармираат дека компаниите нивни членки се соочуваат со огромни проблеми поради епидемијата со корона вирусот и бројните ограничувања во земјава и надвор од неа. Во прашање се доведени работните места, предупредуваат.

Претседателката на ССК, Данела Арсовска, вели дека бројките што пристигнуваат во Владата и во институциите и врз кои што се мери што е она што треба да се донесе како мерка се носи на крајот на месецот откако ќе се сумираат резултатите на работењето на компаниите од претходниот месец.

Данела Арсовска, претседател на ССК

„Меѓутоа, она што го гледаме на терен е ситуација која што е менлива од ден во ден и гледаме дека голем број од фирмите не само што се затворени, туку веќе почнаа со принудно отпуштање на работниците“, изјави таа за медиумите по објавување на сетот мерки од Владата.

Таа додаде дека пошироката јавност, но и институциите мора да разберат дека Македонија фирмите веќе неколку години се мачат да генерираат профити

„Во моментов се соочуваме со реален проблем, а тоа е одржување на ликвидноста на компаниите и како тие да ги исплатат сите тековни обврски што ги имаат, како што се кредитите кои што ги имаат земено. Сега имаме некоја делумна можност за рефинансирање, станува збор за износ од нешто над 5 милиони евра колку што првично ќе бидат ставени на располагање. Мислам дека тоа нема да биде доволно во моментов“, вели Арсовска и додава дека додека се завршат сите предвидени процедури и додека пристигнат средствата до фирмите тие ќе имаат дополнително потешкотии во работењето.

„Никој не бара да му бидат простени долговите, туку се побара едноставно иницијално да се размисли да се одложат даночните обврски“, изјави Арсовска.

Инаку, денес Владата и Народната банка презентираа сет мерки за поддршка на стопанството, за давање бескаматни кредити за микро, мали и среди претпријатија и за субвенционирање на придонесите за вработени од секторите кои трпат штети поради пандемијата.

Со првата мерка се обезбедени 5,7 милиони евра со кои ќе се кредитираат директно компании погодени поради неликвидност. Вицепремиерката Мила Царовска објасни дека микро компаниите до 10 вработени ќе можат да добијат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании од 10 до 50 вработени од 10 до 15 илјади евра, а средните компании од 50 до 250 вработени од 15 до 30 илјади евра. Кредитите се бескаматни, со грејс-период од 6 месеци и период на отплата од две години, а администрирањето на кредитите ќе биде бесплатно.

Мила Царовска, заменик претседател на Владата за економски прашања

Со втората мерка се поддржуваат компаниите во делот на исплата на плати и придонеси и фокусот на оваа мерка е задржување на работните места.

„Правиме напори да ја олесниме исплатата на плати и затоа ќе ги субвенционираме придонесите за вработените во компаниите од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании за април, мај и јуни 2020 со цел да субвенционираме придонеси по вработен во висина од 50 отсто од придонесите за исплатена просечна плата во 2019“, рече Царовска. Овие поволности ќе ги добијат компаниите кои нема да го намалат бројот на вработени, не исплатиле дивиденда во 2020 година како и не исплатиле награди и бонуси по влегување во сила на мерката.

Меѓу мерките кои денес беа промовирани е и ослободувањето на аконтациите од данокот на добивка за следните три месеци: април мај и јуни под истите услови како и оние за субвенционирање на придонесите. Ќе се намали и законската затезна камата за 50 отсто, односно, од 10 на 5 проценти за правни кон правни лица и од 8 на 4 проценти за правно и физичко лице. Ќе се намали и казнената камата за јавни давачки од 0,03 проценти на 0,015 проценти.

Народната банка исто така објави неколку мерки, а како клучна е намалувањето на основната камата на благајничките записи, која сега изнесува 1,75 отсто и е на историски најниско ниво. Покрај тоа, се намалуваат и трошоците на банките што се овозможува тие повеќе да го кредитираат стопанството и граѓаните. (М.Ј.)