Битиќи не знае дали ќе расправаат за оставката на Заев


Фатмир Битиќи од СДСМ денеска пред седницата на Извршниот одбор на партијата истакна дека ќе треба да се подготват за поднесената иницијатива за недоверба на Владата што е закажана за в четврток.

-Треба да се спремиме за четврток. Пред нас се големи предизвици за кои сметам дека денеска ќе расправаме и ќе видиме кое е најдоброто решение, изјави потпретседателот на СДСМ и вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи пред состанокот на највисоките тела на партијата.

Тој смета дека оставката на премиерот Зоран Заев е демократски чин и „мораме да се навикнеме на такви нешта“.

-Не значи дека премиерот не ни треба. Заев во моментов е потребен за општеството и владеењето во државата. Не знам дали денес ќе расправаме за неговата оставка. Тема на разговор треба да ни биде енергетската и економската криза, пандемијата и севкупниот предизвик на државата. Не бегаме од одговорност, потенцира Битиќи пред седиштето на СДСМ на „Бихаќка“.

И министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски изјави дека вечерва ќе разговараат за сите аспекти на политичката ситуација во земјава. Тој не даде прецизен одговор дали премиерот Зоран Заев треба да си поднесе оставка.