Битиќи до Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ секогаш планираше превисоки буџетски дефицити


„Кога Мицкоски излегува на прес-конференција и ги споредува буџетските дефицити во првите квартали од 2017 година наваму, намерно или ненамерно заборава да направи споредба на подолг период со цел да ја имаме целата слика“, реагираше вечерва на неговиот фејсбук профил Фатмир Битиќи, специјален советник на премиерот во македонската влада.

Реакцијата доаѓа по денешната прес конференција на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој ја обвини Владата за грабеж, затоа што во првиот квартал годинава реализирала 43 отсто од планираниот буџетски дефицит за цела 2020 година, односно 120 милиони евра.

„Со други зборови го задолжиле секое македонско семејство со дополнителни 15 илјади денари во просек само од почетокот на годината заклучно со крајот на месецот март“, обвини Мицкоски.

Според него, во 2017 година во истиот период потрошени се околу 19 отсто од планираниот буџетски дефицит, во 2018 година околу 17 отсто, во 2019 година нешто над 18 отсто, а годинава за јануари, февруари, март околу 43 отсто од буџетскиот дефицит, со само 8,5 отсто реализирани капитални инвестиции.

„Додека на власт беше неговата партија секоја година беа планирани превисоки буџетски дефицити, а при трошењето во текот на годината не ретко беа и надминувани“, вели во реакцијата Битиќи, аргументирајќи го ова со графикон на кој се претставени планираните и остварените буџетски дефицити во периодот од 2014 до 2019 година.

Така, највисок планиран буџетски дефицит имало во 2016 година, над 370 милиони евра, но тогаш не се реализираше поради изборите. Во 2014 година, пак, биле плаанирани околу 320 милиони евра, а биле реализирани над 360 милиони, произлегува од податоците на графиконот.

Битиќи додава дека фактите уште помалку одат во прилог на тврдењата на Мицкоски кога буџетскиот дефицит ќе се изрази како процент од домашниот бруто-производ (БДП), што се користи најчесто за претставување на соодносот за пресметка на дефицитот.

Така, во 2014 година буџетскиот дефицит достигна околу 4 отсто од БДП, аа една година подоцна нешто над 3,2 отсто од БДП. Послкедниве две години, пак, се одржува под два отсто од БДП.

Битиќи објаснува дека годинава буџетскиот дефицит ќе се продлабочи поради пандемијата од Ковид- 19 , што не е карактеристично само за нашата земја и не е одмината ниту една економија.

„Намалената економска активност која е последица на прогласената пандемија е најголемата причина за намалувањето на тековните буџетски приходи. Од друга страна Владата, односно Министерството за финансии и УЈП, прави максимални напори со директно вбризгување на ликвидност во економијата, последиците од оваа корона криза да бидат колку може помали“, вели Битиќи.

Тој додава дека „исплатата на повратот на ДДВ дополнително е динамизирана, исплатите на пензиите и другите социјални трансфери се одвиваат веќе и предвремено, субвенциите во земјоделството се исплаќаат целосно и навремено, а и сите други буџетски трансфери и плаќања се извршуваат во законски предвидените рокови без никаков застој со единствена цел зголемување на ликвидноста на компаниите и граѓаните, што е во насока на зголемување на потрошувачката која директно влијае на полнењето на Буџетот и растот на БДП“.

Со цел да се амортизира ударот врз приходната страна на Буџетот, пак, Владата активно работи и на прибирање средства, вели Битиќи и потсетува дека до сега се извесни значителни износи финансиски средства: 62 милиони евра помош од ЕУ, потоа 176,53 милиони евра од ММФ, 72,35 милиони евра нето задолжување кај домашните банки во текот на април, 160 милиони евра, дополнителна помош од ЕУ за надминување на кризата и 140-160 милиони евра од Светска банка.

Во однос на предлогот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за пренасочување на средствата кои банките ги имаат во Народната банка во вид на благајнички записи, Битиќи вели дека овие записи се алатка на монетарната власт која е во рацете на НБМ.

„Народната банка соодветно реагираше уште на средина на април кога на редовната аукција на благајнички записи одлучи да емитува износ од 17 милијарди денари, што во практика значи намалување од 8 милијарди денари (околу 130 милиони евра) од комерцијалните банки кои биле ‘пасивизирани’, а кои сега остануваат како вишок ликвидност кај банките и истите се очекува да бидат искористени како за кредитирање на приватниот сектор и населението, така и за кредитирање на државата преку државнитe записи“, вели Битиќи. (М.Ј.)