„Билд“: Ранет е и началникот на рускиот Генералштаб, Валери Герасимов

Генералот Валери Герасимов беше испратен во Украина за од лице место да раководи со воени операции во битката за Донбас


Валериј Герасимов како началник на Генералштабот, сега командува со руската армија во Украина

 

Тој е најважниот воен човек на Путин: Валери Герасимов (66), началник на рускиот Генералштаб – а со тоа и врховен командант на руската армија. Целата кариера ја помина во војска.

Сега се вели дека е ранет во напад на украинските вооружени сили!

Ова го објавија неколку украински медиуми, повикувајќи се на неодредени извори. Се вели дека Герасимов бил повреден од шрапнел во бутниот дел на десната нога. Коската не е скршена, се вели во извештајот. Раната е санирана, нема опасност по живот.

За ранувањето на воениот лидер на Путин на Телеграм објави и поранешниот украински министер за внатрешни работи Арсен Аваков.

Нападот врз командниот пост на руската армија во источниот украински град Изјум се случи во саботата. Според Антон Херашченко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи, во тој процес биле убиени повеќе луѓе, вклучително и високи офицери, меѓу кои и генерал мајорот Андреј Симонов.

Се вели дека целта на нападот било военото раководство. Засега нема потврда дека Герасимов е всушност ранет.

Според информациите на „Билд“ од кругови на НАТО, Герасимов се појавил на фронтот во источна Украина за самиот да командува со планираното опкружување на украинските војници.

„Киев пост“ јавува дека  неговата повреда била доволно тешка што тој веднаш ја напуштил линијата на фронтот и заминал за Русија на понатамошно лекување.

Германски поранешен генерал запознаен со ова прашање, изјави за „Билд“: „Фактот што началникот на Генералштабот мора сам да го направи тоа на лице место е показател за ситуацијата. Сите досегашни воени сценарија на Русите пропаднаа – и ова изгледа не се спроведува според планот“.

Војниците на Путин се соочени со долготрајна војна на трошење против Украина, во која самите губат сè повеќе материјал, додека Украина континуирано се опремува со залихи и нова технологија од Запад.

Поранешниот генерал изјави за „Билд“: „Ако планираното опкружување во Донбас не успее, тогаш Путин ќе се соочи со конфликт што не може да го заврши на среден рок. Затоа Герасимов мораше да оди на фронт“.